КОВАЧЕВСКИ : СДСМ ТРАЈНО СЕ ГРИЖИ ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ, 30% ПОВИСОКИ ПРАВА ОД СОЦИЈАЛНА И ДЕТСКА ЗАШТИТА, 35% ПОВИСОКА ПОДДРШКА ЗА ИНВАЛИДСКИ ОРГАНИЗАЦИИ

0
54
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, денеска имаше средба со Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, на којашто се разговараше за ефектите од досегашните мерки, за идните мерки, за предлозите на инвалидските организации, со цел подобрување на животот на лицата со попреченост и остварување на нивните права во сите сфери на општеството.
На средбата, Ковачевски порача дека грижата за лицата со попреченост е одговорност на секоја Влада и секогаш била високо на агендата од приоритетите на Владата предводена од СДСМ. Во изјавата за медиуми, Ковачевски потенцираше дека во изминатите седум години се креираа низа мерки за лицата со попреченост и за нивната вклученост во општеството.
„Еден од клучните документи за кои и во детали разговаравме на состанокот е Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027, којашто 70% е реализирана и со чија помош нема повеќе деца до 18 години сместени во институции, додека за возрасните, досега 300 лица со попреченост се преселени во 54 станбени единици. Го зголемивме бројот на лиценцирани даватели на социјални услуги, сега има 118 даватели на услуги на ниво на државата. Со новиот Закон за социјална заштита од 2019 година правото за попреченост се прошири и за лицата со  интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголеми до 50% од просечна нето плата без разлика на возраста на децата. Тоа претставува значително зголемување, бидејќи не само што е зголемен процентот туку е и зголемена просечната плата на ниво на држава“, рече Ковачевски.
Како дел од мерките е воведувањето на услугата „лична асистенција за лица со потешка или најтешка телесна попреченост и потполно слепи лица“, која се прошири и за лицата со комбинирана попреченост. Се воведе и услугата помош и нега во домот за децата и лицата со интелектуална попреченост или стари лица со намалена функционалност.
„И во време на криза како што никој не беше оставен сам, не беа заборавени и оваа категорија на граѓани. Тие беа врвен приоритет во делот на справувањето со кризата. Во деветтиот пакет антикризни мерки по 2.000 денари месечно во период од 5 месеци се обезбедија за граѓаните корисници на правото за попреченост и родителите на децата со попреченост кои користат посебен додаток“, рече Ковачевски.
Во однос на мерките во образовниот процес, Ковачевски потенцираше дека сите посебни училишта се трансформирани во основни училишта со ресурсен центар, додека посебните паралелки, 23 на број, во центри за поддршка. Со тоа, бројот на запишани деца со попреченост во редовните основни училишта и во центрите за поддршка во рамки на редовните училишта е зголемен на 2.108 запишани ученици, за разлика од претходно кога беа запишани 365 деца со попреченост.
„За 15% се зголеми висината на посебниот додаток, се намали возрасната граница за користење на правото за траен надоместок за родителите кои чувале дете со попреченост без да го сместат во институција (од 64 на 62 години за мажи и од 62 на 60 за жени), а се обезбеди вклучување на децата и лицата со комбинирани пречки во услугата за лична асистенција. Со усогласувањето на трошоците за живот, правата на ГМП за сите лица со попреченост од сите категории, знаете дека Владите на СДСМ ги зголемија за речиси 300%, а само минатата година беа зголемени за 14,2%“, посочи Ковачевски.
Во однос на вклучување на лицата со попреченост на пазарот на труд, досега се реализирани вработувања на 13.442 лица со попреченост, во јавен и државен сектор и 387 регистрирани трговци поединци. Ковачевски порача дека грижата за лицата со попреченост продолжува и со мерките од новата програма на СДСМ, во која покрај зголемување на износите на паричните права, ќе се работи на развој на социјални услуги кои ќе овозможат целосна инклузија на лицата започнувајќи најважно и најпрво од образовниот процес.
„Ќе овозможиме континуирана поддршка на ученици со попреченост во основно и средно образование, како и доволен број на стручен кадар за помош и поддршка на учениците со попреченост. Вие знаете дека досега ангажиравме 720 лични асистенти за ученици со попреченост во училиштата ширум државата. За 30% ќе се зголемат правата од социјална и детска заштита. За 35% ќе се зголеми финансиската поддршка на Националните инвалидски организации до 2028 година. Ќе формираме 8 регионални рехабилитациони центри за деца и лица со аутизам, интелектуална попреченост и слични развојни нарушувања“, рече Ковачевски.
„Со нов Закон за социјално претприемништво, ќе се овозможи поддршка за развој на социјални претпријатија кои ангажираат лица со попреченост. Исто така, во новата Програма на СДСМ, предвидено е ослободување од царински давачки за суплементи кои се користат за лицата со попреченост и лицата со ретки болести. Лицата со попреченост е високо на агендата на нашата партија, на нашите приоритети, овие граѓани заслужуваат и имаат право да бидат активни чинители во општеството, право на личен избор кога, каде и како ќе се движат, имаат право на самоопределување, самопочит и достоинство“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.