КОВАЧЕВСКИ – ОЦУКА : УНАПРЕДУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКАТА СОРАБОТКА СО ЈАПОНИЈА И СИЛНА ПОДДРШКА НА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

0
290

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски се сретна со новиот амбасадор на Јапонија во нашата држава, Казуја Оцука.
На состанокот е оценето дека има тренд на унапредување на билатералните односи помеѓу државите и е изразена определба за зајакнување на соработката, посебно во областа на економијата. При тоа, разговарано е и за можностите за презентација на економските потенцијали за инвестирање во Северна Македонија пред јапонски инвеститори.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за големото долгогодишно и искрено пријателство со Јапонија, што се манифестира со континуираната јапонска поддршка, во вкупен износ од над 430 милиони американски долари, со што Јапонија е меѓу најголемите билатерални донатори во Северна Македонија. Воедно, премиерот ја истакна и важноста на јапонската иницијатива за соработка со Западен Балкан, којашто дополнително придонесува во севкупното продлабочување на соработката и пријателството меѓу двете земји.

„Сакаме да се развиваме како држава и во таа насока од големо значење се односите со развиени земји како што е Јапонија. Успешно се развиваме како мултиетничка држава. Низ политики на дијалог ги развиваме добрососедските односи. Преку иницијативата Отворен Балкан создадовме можност за поедноставени процедури во делот на пазарот на трудот, со што како регион и поголем пазар отвораме можност за зголемена заинтересираност на странски инвеститори. И во Минхен, за време на учеството на безбедносната конференција, добивме потврда дека Европската Унија во Северна Македонија гледа фактор на стабилност во Западен Балкан. Европскиот пат на нашата држава е неповратен процес“, рече премиерот Ковачевски.