КОВАЧЕВСКИ НА ПРОСЛАВАТА НА ДЕНОТ НА НЕЗАВИСНОСТА : СЕГА НЕ Е ВРЕМЕ ЗА ИЗБОРИ И ПОЛИТИКАНСТВО

0
367

Премиерот Димитар Ковачевски | фото: Влада на РСМ
Премиерот Димитар Ковачевски на централната прослава на Денот на независноста- 8 Септември што се одржа на платото кај паркот „Ибни Пајко” во Скопје истакна дека слободата и европските перспективи немаат замена. Како што потенцираше тој, има време и до избори и за политикантство, но сега не е тоа време.

„Посебно, охрабрувам на политички план, сите да покажеме достоинствена почит кон предизвиците со коишто се соочени граѓаните и државата од глобалната криза и да се помогне во решенијата, наместо да се блокираат. Има време и до избори и за политиканство – но, сега не е тоа време“, рече Ковачевски.

„Ајде да продолжиме по патот на развојот”, рече премиерот Ковачевски повикувајќи на обединување.

„Знаеме дека мора да продолжиме по европскиот пат, поради нас самите и за оваа цел вреди да се обединиме, без калкулации и задршки – исто како за независноста во 1991-та, исто како во битките 1903-та и 1944-та. Државничките одлуки подразбираат лидерство и храброст за слободно одлучување, посебно кога тие одлуки се влог во подобра сегашност и подобра иднина за сегашните и идните генерации“, порача Ковачевски.

Како што додаде тој граѓаните во тие 90-ти години покажале свесност дека обединувањето во минатото, ја донело слободата.

„Но знаеле и дека не смее назад од веќе постигнатото – во името на иднината. И затоа погледот го насочиле напред – кон остварувањето на новата прогресивна цел пред нив – независноста, со определбата, обединети да ја сочуваат и веќе извојуваната слобода“, рече Ковачевски.

Тој додаде дека со мудрото политичко лидерство во тоа време кога се случуваше мирната транзиција на тогашна Социјалистичка Република Македонија, во тогашна независна Република Македонија, сочуван е по мирен пат унитарниот карактер на нашата држава, нешто што во другите земји во регионот не беше случај. А со обединувањето на граѓаните околу новопоставената перспектива – независноста, зачекорено е храбро по новотрасираниот пат на прогресот, што и денес го одиме.

Денот на независноста на територијата на целата држава, во организација на Владата на Република Северна Македонија се славеше со музичка, детска програма во Градскиот парк кај „Школка“ во Скопје, со вежбовни активности од страна на припадниците на МВР и Армијата. Дополнително, беа отворени и вратите на повеќе културни установи, музеи и галерии низ државата, односно во Скопје, Битола, Тетово, Кичево, Охрид, Крушево, Куманово, Гевгелија, Прилеп, Штип, Струмица.

Вчера рано изутрината, владина делегација, предводена од премиерот Ковачевски, одбележувањето на државниот празник го започна со оддавање почит и положување цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.