КОВАЧЕВСКИ : ИНВЕСТИРАМЕ ВО СОЦИЈАЛНИ СТАНОВИ ЗА РАМНОМЕРЕН РАЗВОЈ НА ДРЖАВАТА

0
289
„Владата има постигнато значаен напредок во зголемување на квалитетот на животот на граѓаните, а преку стратегија за социјално домување не дозволуваме ранливите категории граѓани да останат на маргините на општеството“, истакна премиерот Димитар Ковачевски денеска на доделувањето на социјални станови за 28 семејства од Гевгелија. Претседателот на Владата во своето обраќање истакна дека во изминативе години изградени се или во фаза на градење се над 860 социјални станови во Струмица, Гостивар, Македонски Брод, Пробиштип, Виница, Свети Николе, денеска освен во Гевгелија, 6 станови ќе бидат доделени на ранливи семејства во Демир Капија. Социјални станови ќе добијат и наши граѓани од Велес, Неготино, Бутел, Дебар и Кочани.

„Политиките кои ги креираме како Влада не дозволуваат да постои огромен јаз меѓу можностите и потребите на голем број домаќинства во нашата држава. Сакаме ранливите категории на граѓани да ги решаваат своите проблеми без поддршка на државата меѓутоа со оглед на тоа дека не секој има можности да го реши своето станбено прашање како поголемиот број други граѓани, државата е тука да помогне и да обезбеди домување на сите оние на кои тоа им е потребно“, рече претседателот на Владата, Ковачевски.
 
Премиерот истакна дека и оваа година Владата ќе ги заштити граѓаните исто како и лани за време на најголемата енергетска и економска криза. Годинава Буџетот на Министерството за труд и социјална политика, за социјални услуги е 5,5 милиони евра поголем од лани. Социјалната помош во изминатите неколку години, е зголемена за над 300 проценти.

На настанот на доделување социјални станови во Гевгелија беа и министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски и директорот на АД за стопанисување на станбен и деловен простор од значење за Републиката, Зоран Ѓоргијев.

Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски, истакна дека на крајот од неделата ќе се отвори оглас за доделување на социјални станови за Неготино.

„Навистина ми е драго што социјалните политики што ги презема оваа Влада даваат конкретни резултати, а тие бенефити директно ги чувствуваат нашите граѓани. Денеска, посебно треба да ни биде мило за тоа бидејќи 28 семејства од Гевгелија добиваат шанса за нов почеток во животот. Да се има свој дом не е привилегија, тоа е хумано право на секој еден. Гевгеличани и Гевгелија ја имаат силната поддршка од централната власт, изминатите години тука реализиравме голем број проекти, завршивме големи инвестиции и мислам сите ќе се согласиме, сега Гевгелија е подобро место за живеење. Сакам да најавам дека до крајот на неделата планираме да го распишеме и јавниот повик за распределба на социјалната зграда и во Неготино“, рече министерот за транспорт и врски.

Директорот на АД за изградба и стопанисување со станбени и деловни објекти од значење за Републиката, Зоран Ѓоргијев рече дека социјалните станови се реализирани во предвидениот рок, а станбените објекти и во Гевгелија и Демир Капија имаат одреден број станови и за инвалидизирани лица.

„Становите се еднособни, со квадратура од 38-48м2, и за нашите сограѓани ќе значат нов почеток и поголеми можности. Во следниот период ќе бидат распределени и преостанатите 24 станови во зградата во Гевгелија, како и уште 10 станбени единици во објектот во Демир Капија. Двата објекта се завршени во предвидениот рок, согласно Договорот за градење, вкупната инвестиција за зградата во Гевгелија приближно изнесува 102.000.000 денари, а за Демир Капија 36.000.000 денари. Објектите согласно нашата досегашна пракса имаат одреден број станови наменети за инвалидизирани лица“, истакна Ѓоргијев.