КОВАЧЕВСКИ : ЗА 27 СЕМЕЈСТВА ОД СВЕТИ НИКОЛЕ ОБЕЗБЕДИВМЕ ДОМ И ИМ ПОМОГНАВМЕ ДА СИ ГО РЕШАТ ЕГЗИСТЕНЦИЈАЛНОТО И ГЕНЕРАЦИСКО ПРАШАЊЕ

0
698

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Свети Николе посети 27 семејства на кои им беа доделени од државата социјални станови за домување. Премиерот Ковачевски, социјалните станови ги додели заедно со Зоран Ѓоргијев, директор на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката. Во своето обраќање, претседателот на Владата Ковачевски ја истакна посветеноста на Владата во грижата кон најранливите во нашето општество, за граѓаните на кои државата треба да им помогне со механизмите за солидарност.

„Јас се залагам за креирање на системски решенија кои даваат резултати на долг рок. Тоа беше и појдовната точка кога ја правевме и новата методологија за усогласување на пензиите и платите, и благодарение на тоа имаме и зголемена минимална плата, зголемени пензии, тие постојано ќе растат. На тој начин сега преговараме и со синдикатите за зголемување на сите плати за да се направи едно одржливо решение кое ќе биде на задоволство на сите. Така изградивме систем на социјална заштита што ќе одговори на предизвиците со кои се соочуваат најранливите категории на граѓани. Обезбедивме средства за редовна исплата на правата од социјална и детска заштита и дополнителна финансиска поддршка. Владата креираше неколку пакети антикризни мерки, со кои ги поддржавме ранливите категории на граѓани, потоа млади-студенти и средношколци, невработени лица и лица со минимална плата. Само за неколку години социјалната помош ја зголемивме за над 300%“, рече премиерот.

Директорот Ѓоргијев кажа дека објектот е прв од ваков тип во градот. Располага со 48 станбени единици со површина од 35 – 47 м2 и 48 подрумски простории со површина од 5 – 7м2. Објектот се состои од приземје, четири ката и поткровје. Станбените единици на приземјето се прилагодени за лица со телесен инвалидитет.

“Вкупната инвестиција изнесува приближно 85.000.000,00 денари.

Нашите цели се секогаш во насока да обезбедиме поквалитетен и достоинствен живот на социјално најранливите категории на граѓани. Ги подобруваме и условите за стопанисување во постојните станбени згради и станови и го поттикнуваме развојот и изградбата на инфраструктурата за домување, учествуваме во изградбата, реновирањето и одржувањето на становите за непрофитно домување и инвестициско и тековно одржување на станбениот и деловниот простор“, изјави Ѓоргијев.

Премиерот Ковачевски истакна дека со буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2023 година, Владата обезбеди достапност на социјалните услуги, но и зголемување на материјалните права на пензионерите и граѓаните кои се дел од системот за социјална заштита.