КОВАЧЕВСКИ ЗА ТВ 24 : ИМАМЕ НЕЈАСЕН ЗАКЛУЧОК ОД БРИСЕЛ ДОСЕГА, БЕЗ ОДЛАГАЊЕ ЌЕ ГИ ОТВОРИМЕ ПОГЛАВЈАТА ШТОМ ЈА ЗАВРШИМЕ ОБВРСКАТА ВО СОБРАНИЕТО, ЕВРОПСКИ ФРОНТ ЌЕ ОБЕЗБЕДИ ЧЛЕНСТВО ДО 2030 ГОДИНА

0
425

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска гостуваше во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24, во којашто зборуваше на повеќе актуелни теми, меѓу кои и шансата да не се испушти исчекорот во евроинтеграциите и Северна Македонија да стане членка на ЕУ до 2030 година.

„Во Брисел ние имавме најјасен заклучок, од 2005 до денес. Заклучокот за Северна Македонија беше во еден параграф. Република Северна Македонија успешно го заврши скрининг процесот. Веднаш штом ќе заврши својата обврска за спроведување на амандманите на Уставот, ќе биде без одлагање и дополнително закажување, свикана втората меѓувладина конференција за отворање на поглавјата. Празен гол, пенал којшто заради опозицијата во Македонија, ние не го шутиравме. Толку траеше дискусијата во Брисел. Немаше никакви дополнителни барања. Сите оние хистерии дека македонскиот јазик ќе сме го изгубиле, ќе сме бугаризирале, асимилирале – нема ништо од тоа“, рече премиерот, кој посочи дека напротив, на очиглед и на телевизиските екипи, меѓу преведувачките кабини имаше и на македонски јазик.

„На нас ни се повтори 2008 година, од истите луѓе, од истите политички партии коишто и тоа време беа против зачленувањето и во НАТО и продолжување на евроинтеграцискиот процес, ни се случи истото. Без никаков аргумент, без никаква алтернатива, вели ние сме против, го менуваат дури и својот став па сега немаат ни против, чисто сме против – не можат да најдат аргумент зошто се против, зборуваат за диктатот од ваму од онаму, ова е македонски проект евроинтеграција на Република Северна Македонија во ЕУ“, додаде премиерот Ковачевски.

Нашата држава, потсети премиерот Ковачевски, доби кандидатски статус во 2005 година, заедно со Хрватска, „меѓутоа ние во 2008 година влеговме во процес на антиквизација наместо во процес на европеизација“, како што оцени „којшто нас не изолираше, нѐ раскара со сите соседи и не донесе ништо добро на државата“, туку уназадување во економска и демократска смисла, заробена држава и злоупотреба на институциите по сите основи.

Претседателот на Владата, Ковачевски, најави Европскиот фронт за реализација на европските интеграции и, како што оцени, членство на Република Северна Македонија во ЕУ до 2030 година.

„Кај нас се издефинираа природно два блока, едниот за интеграција на земјата во ЕУ и другиот против интеграција на земјата во ЕУ. Каде што има две нијанси, едната нијанса е апсолутно против и другата е декларативно за меѓутоа прави сѐ да не влеземе во ЕУ. И тоа го прават цело време. И затоа на изборите ќе се судрат тие два концепта, ние повикавме на формирање Европски фронт, во којшто ќе учествуваат политички партии без разлика на нивната етничка, идеолошка профилација, невладини организации, поединци, активисти“, најави премиерот Димитар Ковачевски, во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24.