КОВАЧЕВСКИ ЗА ДОЦНЕЊЕТО НА УЧЕБНИЦИТЕ : НЕ МОЖЕ МИНИСТЕРОТ ДА СЕДНЕ, ДА ГИ НАПИШЕ И ДА ГИ ОДОБРИ

0
408

Состојбата со учебниците оваа година е значително подобрена, но има и дел од нив кои се уште не се готови. Но, не може министерот да седне и да го напише учебникот, да го одобри. Тоа го прави автор, рецензентска комисија и на крајот учебникот се дава во издавачкиот дел и се печати. Ова е одговорот на премиерот Димитар Ковачевски даден на новинарско прашање во врска со доцнењето на учебниците за шестоодделенците.

„Оваа година состојбата со учебниците е значително подобрена во однос на минатите години. Учебниците за сите одделенија веќе се доставуваат во сите училишта. Меѓутоа има некои учебници за кои дел од материјалите не се одобрени или дел не беа завршени од самите автори, дел не ја поминаа рецензијата бидејќи не може министерот да седне и да го напише учебникот, да го одобри. Тоа го прави автор, рецензентска комисија и на крајот учебникот се дава во издавачкиот дел и се печати“,рече Ковачевски.

Ковачевски рече дека во најголем дел учебниците се испечатени и се однесени во училиштата, а во најкраток можен рок најави дека ќе биде довршено сето она што досега не е направено пред се како резултат на пишувањето, а не како резултат на организација на печатењето.
„Во меѓувреме ќе има наставни материјали кои наставниците ќе може да ги користат, тие не се сигурно на ниво на комплетна книга, меѓутоа во тој краток временски период ќе може да бидат употребени во наставата“,додаде Ковачевски.

Сепак, како што рече Ковачевски, состојбата денес е многу подобра во однос на претходните години во делот на издавањето и диструбуцијата на книгите до учениците.

Ковачевски рече дека доколку треба може да организираат прес-конференција со автори кои пишуваат книги и со рецензенти кои прават рецензија на книга кои би го објасниле процесот на пишување и одобрување на книги.„Во минатото ни се случуваше да бидат издадени книги во кои има погрешни материјали. За да не се повтори таков случај процесот на рецензија и на проверка на книгите е многу построг бидејќи не сакаме да има книги во кои Бугарија е на запад, а Албанија е на исток. Тоа нема да се повторува“,рече Ковачевски.