КОВАЧЕВСКИ : „ГАРАНТИРАНА ЦЕНА” И ЗА СОКОВИТЕ, ВОДАТА И ПИВОТО, ПОНИСКА МАРЖА ЗА ОВОШЈЕТО И ЗЕЛЕНЧУКОТ, ОВОЗМОЖУВАМЕ ЦЕНОВНА СТАБИЛНОСТ ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИОТ СТАНДАРД

0
373

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски на прес-конференција говореше за новите одлуки донесени на денешната владина седница, кои се однесуваат на намалување на цената на одделни производи во трговијата на големо и на мало. Со денешната Одлука на Влада на листата со „гарантирана цена“, влегуваат и безалкохолните пијалаци, газираната и негазираната вода и пивото. Владата донесе и нова одлука за намалување на маржите кај овошјето и зеленчукот со што дополнително ќе се намалат цените во износ до 30%.

Во продолжение ви ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Ковачевски.
„Како што ветивме и како што ве информиравме во текот на изминатиот ден списокот на производи со „гарантирана цена“, ќе се проширува.

Денеска ќе говорам за две нови одлуки на Владата со кои за одредени производи цените на производите треба да се намалат од 10% па до 30%.

Со денешната одлука на Влада на листата со „гарантирана цена“ влегуваат и безалкохолните пијалаци, газираната и негазираната вода и пивото.
Донесовме и нова одлука за намалување на маржите кај овошјето и зеленчукот со што дополнително ќе се намалат цените во износ до 30% за овие производи.
Кон мерката „гарантирана цена“, како општествено одговорни компании, самоиницијативно се приклучија производителите на безалкохолни пијалаци и вода, и ова е за поздравување, бидејќи единствено со заедничко дејствување можеме сите заедно да придонесеме за економска стабилност на државата и пред сè што е најважно да ги заштитиме граѓаните.

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница, на предлог на Министерство за економија, донесе нови одлуки за намалување на цените во трговијата на големо и трговијата на мало на следните производи:
светло пиво и лагер пиво; газирани и негазирани пијалаци, со исклучок на енергетски пијалаци; минерална, газирана и негазирана природна изворска вода.
Со оваа одлука, највисоките цени на производите се утврдуваат на нивото на цените, (со исклучок на цените на акциска продажба), кои се применувале на 19 септември 2023 година, во трговијата на големо, се намалуваат за 10%.

Трговците за вршење дејност трговија на мало, се должни да ги утврдат цените во трговијата на мало за овие производи и на полиците, фрижидерите и разладните уреди треба јасно да ги обележат со натписот „гарантирана цена”.На денешната Седница донесовме одлука и за определување највисока трговска (профитна) маржа како посебен услов во трговијата со свежо овошје и во трговијата со свеж зеленчук.

Највисоката трговска маржа за овошјето и зеленчукот за сите трговски друштва и трговци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо се утврдува во вкупен износ до 10%, а во трговијата на мало се утврдува во вкупен износ од 15%. Со ова очекуваме цената на овошјето и зеленчукот да се намали за околу 30%.
Пред нас следат одлуки за намалување на увозните давачки на свеж зеленчук, ориз, портокали, лимони, мандарини, како и намалување на царинските стапки на млечните производи со масленост над 10%. И ова се одлуки кои ќе бидат донесени во текот на наредните денови, објавени и спроведени во пракса.

Со претходната Одлука донесена на 19 септември ја намаливме цената на овошјето и зеленчукот за 10% во трговијата на мало, но по деталната анализа на Министерството за економија се увиде дека со намалување на маржата цените на овошјето и зеленчукот дополнително ќе се намалат и до 30% и затоа се донесени овие денешни одлуки.
„Гарантирана цена“ за сите овие производи важи до 30 ноември. Одлуката денеска ќе биде објавена во Службен весник и таа стапува на сила, веќе од утре.

Владата веќе овозможи 50 производи во 24 категории од пекарската, млечната, месната индустрија, да се намалат за најмалку 10% во однос на цената која ја имале на 1 август. Намалувањата на цените тука се очекува да биде од 10-40% за одредени производи за што и веќе може да се увериме во маркетите ширум државата.
Јас сум убеден дека со „гарантирана цена“ на производите како и останатите мерки кои ги носиме од социјален карактер, ќе успееме да ја стабилизираме инфлацијата до крајот на годината. Тоа веќе се покажа со зголемувањето на платите во јули годинава, кога беше надминато зголемувањето на инфлацијата. Со септемвриските покачувања за 10% на платите, како и линеарното зголемување на пензиите согласно методологијата која беше утврдена во текот на изминатиот период очекуваме двоцифрената инфлација да падне на 8%, а за храната да достигнеме до 5%.

Апелирам до трговците и до големопродавачите да ги почитуваат мерките, а граѓаните како и вие медиумите за сите неправилности да алармирате до Државниот пазарен инспекторат за ажурно и ефикасно спроведување на мерката.Владата и претстојниот период ќе продолжи со дијалог со стопанските комори, работодавачите, синдикатите, нашата обврска е цврсто да го поддржиме стопанството и да овозможиме квалитетен живот на граѓаните. Ниту една криза, нема да не поколеба да продолжиме така да работиме. Минатата година покажавме дека најголемата енергетска и економска криза ја искористивме да инвестираме, да застанеме цврсто зад бизнис заедницата и да ги заштитиме нашите граѓани од големи ценовни шокови. Продолжуваме понатаму да се залагаме за подобрување на егзистенцијалното прашање на нашите граѓани како и за посилно стопанство“.