КЗП: Кога обвинува ОЈО има по 30 месеци притвор, кога обвинува СЈО нема притвор

0
1295

Сопштение на Комитетот за заштита на правата:

Комитетот констатира дека судството и судиите станаа обични извршители на нарачки кои работат по двојни стандарди. Во случаите кога кривичната постапка е иницирана од Јавното обвинителство, кое што е под директна контрола на режимот, беспоговорно се определува мерка притвор на секое барање. Во моментов се притворени околу 400 лица, при што најголемиот дел од доделените притвори се противзаконски. Имаме случаи на тригодишни притвори. Има огромен број одбиени притворски жалби и барања за определување односно замена на притворот со домашен притвор а беа предлагани огромни суми на пари, хипотеки и имоти како гаранции. Во некои случаи се изречени првостепените казни од 3 до 4 години затвор, а луѓето коишто сеуште се во притвор веќе имаат одлежано по 30 месеци притвор…

Во случаите иницирани од страна на Специјалното јавно обвинителство судиите воопшто не определуваат мерка притвор иако е сосема јасно и сите знаат огромни се можностите за влијание врз сведоците и дека се вршат огромни притисоци врз потенцијални сведоци. А станува збор за случаи во кои висините на запретените казни се високи и кои се поткрепени со огромен број на докази! Со ваквото постапување се врши класична опструкција и саботирање на работата на Специјалното јавно обвинителство.

Фактите покажуваат дека се притвараат луѓе без докази и дека се држат во притвор неосновано. Затворите се полни со луѓе осудени без докази, а постапките во кои се осудени се со огромен број на незаконски суштински и процесуални повреди.
Комитетот за заштита на правата будно го следи дополнителното заострување на тешката политичка криза во земјата. Секој граѓанин и секој облик на здружение, политичко или граѓанско, има право и обврска да помогне во враќањето на демократијата, слободата и нормалноста во Македонија. Од овие причини комитетот за заштита на правата во иднина во целост ќе ги подржува сите политички и граѓански иницијативи и активности кои водат кон повеќе правда и владеење на правото, кон повеќе демократија и слободи, и кон целосна еднаквост на правата и гласот на секој граѓанин.