КАРПОШ ЌЕ УЧЕСТВУВА ВО ПРОЕКТ ЗА ИНВЕСТИЦИЈА ВО ФОТОВОЛТАИЦИ ВО ДВЕ ОСНОВНИ УЧИЛИШТА

0
438

Во рамки на дваесет и втората седница која се одржа денеска во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, Советот на Општина Карпош заседаваше и расправаше по 19 точки кои се најдоа на дневниот ред. Притоа, со мнозинска поддршка од советниците беше изгласана Одлуката за кофинансирање на проектот „Инвестиција во фотоволтаици, енергетска ефикасност, заштита на човековата околина“, кој ќе се реализира во основните училишта „Владо Тасевски“ и „Војдан Чернодрински“.

Имено, локалната самоуправа од Карпош во партнерство со општините Кисела Вода, Сопиште и Зелениково ќе поднесе апликација преку Скопски плански регион, за добивање на грант во висина од 7.500.000 денари (за сите четири општини), од Бирото за регионален развој. Поточно, станува збор за проект кој вклучува поставување на фотонапонски модули на кровните површини во неколку основни училишта, кои се наоѓаат на територијата на горенаведените четири општини. Секако, претходно ќе биде изработен основен проект за изведба на „он-грид“ фотонапонски систем до 20 kW, индивидуално за секое училиште, во кое ќе бидат поставени фотонапонски модули кои потоа ќе се поврзат во системот.

Вкупната вредност на целата инвестиција вклучувајќи ја и изработката на основниот проект, се очекува да не ја надмине висината од 12.448.720 денари, додека пак вредноста за инвестирање во фотоволтаици во двете основни училишта во Карпош, ќе биде најмалку 2.400.000 денари. Во овој случај Општина Карпош ќе учествува со 1.000.000 денари, кои ќе ги кофинансира по добивање на поднесениот проект.Советот ја поддржа и Предлог – План Програмата за развој на Општина Карпош за 2023 – 2025 година, која е изработена согласно потребите од областа на екологијата и енергетската ефикасност.

За таа цел ќе бидат преземени одредени активности за подобрување на условите на јавното осветлување на територија на локалната самоуправа. Од тој аспект се планира реконструкција на уличното осветлување преку замена на постоечките светилки, со штедливи ЛЕД светилки.