ИТАЛИЈАНСКИОТ АМБАСАДОР РОМЕО ГИ ОТЕПА ВМРОВЦИТЕ: Подготвени сте за преговори, треба да ја исправиме грешката во март!

0
880

Позицијата на Италија е многу јасна и транспарентна. Ние се надеваме дека Северна Македонија ќе ги отвори преговорите со ЕУ многу брзо. Се надеваме дека тоа ќе биде на следниот Совет на ЕУ во март, вели италијанскиот амбасадор во земјава Карло Ромео во интервју за Радио Слободна Европа.

– На самитот во Загреб, ЕУ-Западен Балкан, нема да има одлука за отворање преговори, тој самит нема да биде за тоа. Нашата надеж е преговорите да се отворат што поскоро, првата можност за тоа ќе биде Советот во март. Северна Македонија ги исполни сите критериуми за да ги отвори преговорите, заедно со Албанија. Тоа е одлука која ние ја заземавме уште во 2018 година, потоа лани во јуни и на за жал разочарувачкиот самит во октомври минатата година. Значи, земјата е подготвена да почне преговори, дециден е италијанскиот амбасадор.

Ромео наведува дека Италија останува на позицијата дека отворањето преговори на Северна Македонија со ЕУ треба да биде во пакет со Албанија, зашто и двете земји постигнале напредок во реформите, и се надева дека дебатата за новата методологија нема да се претвори во нов услов и одложување на отворањето преговори.

– Политиката за проширување е сè уште фундаментална и суштинска политика на ЕУ. Се согласивме дека ЕУ треба да е поподготвена за нови проширувања. Како и да е, мислиме дека новата методологија може да се одвива паралелно со реформите на ЕУ. Значи може да се одвива паралелно со процесот на отворањето преговори, што по природа е долг процес, технички и се базира на мерит-системот за секоја потенцијална членка посебно, наведува Ромео.

Според него, Италија се согласува дека ќе учествува во преговорите за новиот предлог за методологија и нивна цел е да се има поефективен процес, кредибилен и политички предвидлив.

– Нашата идеја која е на нон-пејпер кој Италија заедно со други ЕУ земји-членки ја презентираа, е со конкретни реформи за оваа методологија, идејата е сосема спротивното. Не да го комплицираме процесот, туку да имаме поефективен, политички предвидлив динамичен процес. Нашиот пристап, сугестии и идеи се потпираат на еден услов. Секако дека прифаќаме дијалог, ќе учествуваме во преговорите, но ние не сакаме оваа дебата за новиот механизам да се претвори во нов услов, а особено дека тоа не треба повторно да го одложи отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија. Ја очекуваме анализата на предлогот од ЕК кој ќе се објави во почетокот на февруари. Ние остануваме во истиот дух, отворен дијалог и конструктивен пристап, истакнува тој.

Во однос на тоа дали донесувањето на законот за јавно обвинителство е гаранција дека земјава ќе ги почне преговорите со Унијата, Ромео повтори дека Италија го поддржува отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија многу скоро.

– Мислиме дека двете земји направија важни реформи кои беа побарани од ЕУ. Северна Македонија треба да продолжи со реформската агенда. Посебно во владеењето на правото, независност на судството, со сериозна борба против корупцијата и организираниот криминал. Во овој контекст, секако дека донесувањето на законот за јавно обвинителство пред да се распушти Собранието ќе биде важно, тоа ќе биде многу добра порака и сигнал до Брисел и земјите членки на ЕУ, но според наше уверување тоа не е нов предуслов за отворање преговори со ЕУ, вели италијанскиот амбасадор во интервјуто за РСЕ.

Ромео наведува дека земјата треба да продолжи со реформите, особено во клучните области како што е владеење на правото, независност на судството и судиите и борбата против корупцијата и организираниот криминал. – Овие реформи се важни, не затоа што ги бара Брисел за идното членство, туку затоа што им се потребни на луѓето. Тие се суштински затоа што ги бараат граѓаните, тие се јадрото на реформите кои македонските граѓани ги сакаат и бараат, подвлече Ромео.