ИСЛАМ АБАЗИ ОД ГОСТИВАР ДОБИ НАЈМНОГУ ГЛАСОВИ НА ИЗБОРИТЕ ЗА ШЕФ НА ОБВИНИТЕЛСТВО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ И КОРУПЦИЈА

0
502

Од Комисијата наведоа дека во рок од седум дена Ислам Абази треба да биде именуван за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Согласно Законот, како што укажаа од Комисијата, четворицата кандидати, како и избирачите имаат право на приговор во однос на резултатите од гласањето.

Согласно со Законот за јавното обвинителство, на изборите за шеф на ОЈО ГОКК право на глас имаат сите јавни обвинители во земјава. Гласањето се спроведуваше во тек на работното време на гласачки места во четирите виши јавни обвинителства и во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Според избирачки список, 163 јавни обвинители од земјава имаат право на глас за избор на нов шеф на ОЈО ГОКК. На кандидатската листа под број 1 е Ислам Абази, број 2 Незири Ермон, број 3 е Деса Пауновска и под број 4 е Вилма Русковска.

На огласот за избор на основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК беа пријавени петмина кандидати, но Енѓелуше Кадриу – Леши ја повлече пријавата. Ова е прв ваков избор на шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, каде согласно член 66, основен јавен обвинител на ОЈО ГОКК се избира од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во земјава.

Советот на ЈО по денешното гласање, согласно законот, во рок од седум дена треба да одржи седница на која ќе донесе одлука за именување на јавниот обвинител што добил најмногу гласови од листата на пријавени кандидати. Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира за време од четири години од редот на избраните јавни обвинители со право на повторен избор.