ИСЛАМСКА ДРЖАВА ЈА ПРЕЗЕДЕ ОДГОВОРНОСТА ЗА ТЕРОРИСТИЧКИОТ НАПАД БЛИЗУ МОСКВА, ВО КОЈ СЕ УБИЕНИ НАЈМАЛКУ 40 ЛУЃЕ

0
207

Исламска држава се огласи на својот канал на Телеграм за да ја преземе одговорноста за вечерашниот терористички напад близу Москва, во кој се убиени најмалку 40 луѓе, а 145 се ранети. Оваа информација не е независно потврдена.

На 7 март, руската Федерална безбедносна служба кажа дека спречила напад врз синагога во Москва планиран од ќелија на Исламска држава. Малку детали беа објавени за овој напад, освен дека напаѓачите биле „неутрализирани“ при обид за апсење.

„Борците на Исламска држава нападнаа голем собир на христијани во градот Красногорск на периферијата на руската престолнина Москва. Тие убија и ранија стотици луѓе и предизвикаа големо уништување на местото, пред безбедно да се повлечат во своите бази“, соопшти ИСИС.

Нападот се случи пред почетокот на концертот на рускиот рок бенд „Пикник“ во салата „Крокус“. За концертот биле продадени 6.200 карти, но не е познато колку луѓе имало во салата кога почнало пукањето. Нападот го извеле најмалку четири вооружени лица облечени во маскирни униформи.

Во салата се регистрирани и експлозии, поради што избувнал голем пожар и се урнал дел од покривот. Руските медиуми објавија дека пожарот е локализиран.