ИНТЕГРАЛНА ИЗЈАВА НА МАРИЧИЌ : ЧЛЕНСТВОТО НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ВО НАТО БЕШЕ ИСПОЛНУВАЊЕ НА ЕДЕН ОД НАЦИОНАЛНИТЕ СТРАТЕШКИ ИНТЕРЕСИ И Е ПАТ КОЈ ВОДИ ДО ПОЛНОПРАВНО ЧЛЕНСТВО ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА

0
219
Првиот заменик претседател на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ зема учество на традиционалниот појадок по повод 4 годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО.

Во прилог проследете го интегралното обраќање на Вицепремиерот. 
Почитувани колеги, Почитувани амбасадори,
Четири години Северна Македонија е сигурен сојузник и партнер на НАТО. Денеска, ние сите заедно сме поспокојни знаејќи дека сме дел од најнапредната, најмоќната одбранбена воено-политичка Алијанса во светот и сме на вистинската страна.
Ова е прва година како ја бележиме годишнината од членството во НАТО како земја која не е веќе најмлада НАТО членка. Соочена со предизвиците од руската агресија како закана за идеалот на Европа како слободен континент, Финска се приклучи на семејството на 4 април 2023, а Шведска пред само 20 дена – на 7 март 2024 година, со што стануваме уште пообединети и посилни во нашиот придонес за мирот и стабилноста.

За Северна Македонија членството во НАТО беше исполнување на еден од националните стратешки интереси и е пат кој води до полноправно членство во Европската Унија.

Знаеме што значи припадноста во овој Сојуз во времиња на глобални предизвици. Правиме разлика, и сме свесни за придобивките кои носат безбедност и стабилност.
Кога станува збор за безбедноста и сигурноста, беше гордост да си Македонец и Македонка, кога во исто време пред седиштето на НАТО во Брисел, во Командата на сојузничките сили за операции во Монс и во Командата на сојузничките сили за трансформации во Норфолк во САД, се издигна македонското знаме, додека се интонираше македонската химна како симболи на потврдениот македонски идентитет.
Северна Македонија денес рамо до рамо со останатите сојузници, учествува во градењето на нашата безбедна иднина, го чуваме мирот и ги промовираме и негуваме демократските вредности.
Нашата про-атлантска ориентација има длабоки корени. Членството во НАТО за нас не беше само политички престиж, туку пред сѐ и признание за обновените демократски вредности, поддржани од граѓаните на наша земја.
Денеска со гордост можеме да кажеме дека го исполнивме сонот на многу генерации. Така, треба да го исполниме сонот за Европската Унија, сега пореален од било кога.
Ги оставивме далеку зад нас скептицизмот, резервите и грчот од пред 5 години што некои ги имаа.Имавме едно чувство на возвишена цел која ја правиме и која ја работиме за членството во НАТО и членството во ЕУ.
Наспроти тоа денешните околности ни потврдуваат дека сме донеле вистинска одлука, дека сме биле на вистинската страна. Имаме силно оправдување за големите политички жртви што ги направивме бидејќи беа вредни за граѓаните и за државата.
И денес кога славиме, размислуваме за сериозните задачи и обврски кои се пред нас.
Како што не се откажавме од НАТО, така, без разлика на сите предизвици, нема откажување ниту од ЕУ. Како што ги ставивме интересите на граѓаните и на државата во преден план наспроти личните или партиските кога ги носевме тешките одлуки за НАТО, така ќе направиме и за нашето членство во ЕУ. Но, како и денес за НАТО, кога ќе прославуваме годишнина од членството во ЕУ, знаеме дека граѓаните ќе ни бидат благодарни.

Сигурен сум дека со одговорниот однос кој го имаме кон реформите и пристапните преговори со ЕУ, ќе успееме во достигнување на целта, Северна Македонија до 2030 да биде успешна европска приказна.