ИМА НЕКАКВА СОГЛАСНОСТ, НО ЗАСЕГА НЕМА ДОГОВОР АЛИЈАНСА ЗА АЛБАНЦИТЕ ДА БИДЕ ДЕЛ ОД ОПОЗИЦИСКИОТ БЛОК, ВЕЛАТ ОД „ЕВРОПСКИОТ СОЈУЗ ЗА ПРОМЕНИ“

0
231

Ова на денешната прес-конференција го изјави Астрид Исени, портпарол на коалицијата на трите опозициски партии на Албанците – „Европскиот сојуз за промени“.

„На средбата изминативе денови со косовскиот премиер Албин Курти, има некаква согласност дека ќе биде дел од опозицијата, но нема некој договор. За тоа ќе бидете информирани во деновите што следат“,изјави на денешната прес-конференција портпаролот на „Европскиот сојуз за промени“, Астрид Исени.

Освен за евентуалната коалиција со партијата на Арбен Таравари, од „Европскиот сојуз за промени“ соопштија дека дополнително ќе информираат кој ќе биде нивниот претседателски кандидат откако ќе разговараат во коалицијата.

Претходно, лидерот на Беса и градоначалник на Тетово, Билал Касами, чија партија е дел од коалицијата на опозициските партии на Албанците, изјави дека се разговарало претседателски кандидат на „Европскиот сојуз за промени“ да биде лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Таравари потврди дека опозициските партии на Албанците разговарале тој да биде нивен кандидат на претстојните претседателски избори, но рече оти тој не е заинтересиран.

Ваквите изјави следуваат откако пред неколку дена лидерите на трите опозициски партии на Албанците и првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, беа на средба со косовскиот премиер Албин Курти, на која, меѓу другото, се разговарало и за кандидатот за иден претседател на земјава.

Засега е сè уште неизвесно дали Алијанса за Албанците ќе настапи самостојно на претстојните избори, дали ќе коалицира со опозициските партии на Албанците или, пак, ќе има заеднички изборен настап со своите актуелни коалициски партнери во Владата – СДСМ и ДУИ. Конечната одлука по однос на ова прашање треба да ја донесе Централното собрание на Алијанса, и покрај тоа што и Таравари и претседателот на ова партиско тело, Зијадин Села, изјавија дека претпочитаат самостоен изборен настап на партијата.