Иванов го врами манифестот „За заедничка Македонија“

0
1366

Во Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов врамен стои Манифестот на четвртиот Илинден на иницијативата „За заедничка Македонија“.

Народната канцеларија, освен со Манифестот, е збогатена и со логоата на иницијативата „За заедничка Македонија“ кои се залепени од внатрешната страна на прозорците, а се гледаат однадвор.БИРН во петокот ја посети народната канцеларија на Иванов во центарот на Скопје, за да добие одговор на прашањето зошто симболи од оваа иницијатива, чии што приврзаници ги предизвикаа инцидентите во Собранието од 27 април, се поставени во канцеларијата.

„Не знам, јас сум практикант тука, но најверојатно некој додека се потпишувал во книгата за поддршка на претседателот, ги залепил и симболите“, ни рече вработената од Народната канцеларија.

Во книгата за поддршка на Иванов потпишани беа 2.344 луѓе, од кои дел само со имиња и презимиња, а дел имаа оставано и пораки до претседателот. Веднаш до масата на која се наоѓаше книгата за поддршка, на ѕидот, врамен стоеше Манифестот, со потписот од иницијативата „За заедничка Македонија“.

Во петокот од БИРН се обратиле и до кабинетот на Иванов, со прашања од кои причини симболите на иницијативата „За заедничка Македонија“ се поставени во Народната канцеларија, кој ги поставил таму, зошто не се отстранети и дали претседателот ја поддржува оваа иницијатива. Одговор на прашањата не добиле.