ЗЕЧЕВИЌ : ОДДАВАМЕ ПОЧИТ НА НОБ И ПОРАЧУВАМЕ БОРБАТА ЗА ЕВРОПСКА ИДНИНА ПРОДОЛЖУВА!

0
251
Тука сме да им оддадеме почит на бестрашните хероини кои одиграа клучна улога во отпорот на фашизмот за време на НОБ. Но и да испратиме порака дека нашата борба за иднината продолжува, рече денеска генералниот секретар на СДСМ Миле Зечевиќ Вардарски во обраќање на традиционалниот Осмомартовски марш кој денеска се одржа во Кавадарци.
-Пред повеќе од осум децении, нашите мајки, сестри и ќерки застанаа простум со своите машки другари во борбата за слободна македонска држава. Тие ги подарија своите животи на олтарот на слободата.  Нивната жртва го отвори патот, го постави темелот за слободна и независна Македонија. Имињата на Веселинка Малинска, Вера Јоциќ, Ибе Паликуќа, Невена Герогиева – Дуња, Вера Ацева, на Елпида Караманди и сите останати, со златни букви се впишани во македонската историја. Овие жени беа со пушка во рака и на фронтот, а потоа беа рамноправни градителки на ново општество, рече Зечевиќ.
Сите ние сме горди на тоа, затоа што СДСМ како државничка партија е директна наследничка на НОБ и вредностите на антифашизмот, додаде тој.
-На историјата не треба да ѝ робуваме. Но, мора да ја знаеме за да извлечеме поуки. На темелот на она што сме биле тогаш – ја градиме денешницата. Жртвите што ги направија нашите предци, идеалот за којшто биле подготвени да загинат, бил за да ја обезбедат иднината, нашата слобода, за денеска да живееме во независна суверена и демократска македонска држава, рече Зечевиќ.
Да црпиме инспирација од нескротливиот македонски дух, националната издржливост и моќта на единството.  Нивното наследство нека биде водилка додека го продолжуваме нашето колективно патување кон праведно и европско општество, потенцираше генералниот секретар на СДСМ во обраќањето.
-Ако нивната борба беше за слобода, нашата политичка борба е за европска иднина. Духот на антифашистичката борба и придонесите на Македонките во НОБ нека нѐ инспирираат да создадеме модерно европско општество, рамо до рамо со државотворните европски народи. Единствен начин за подобра македонска иднина е полноправно членство во Европската унија. За поголеми плати и пензии по европски стандарди, за функционален судски систем, за сите нови финансиски и суштински можности кои доаѓаат со членството во ЕУ. Нема друга алтернатива, рече Зечевиќ.
Со глас за СДСМ и коалицијата да ја спречиме заканата од изолација на земјата со ДПМНЕ, дециден беше Зечевиќ.
-Европа е тој патоказ што треба да го следиме со иста решителност и посветеност како нашите претходници. Тоа е нашата битка. Тоа е битката што секоја генерација е задолжена да ја води за татковината. Таа битка мора ја добиеме. И ќе ја добиеме. Ова не е само избор – ова е нашата обврска кон минатото и нашата должност кон иднината. Европската иднина на Македонија!, рече генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски денеска во Кавадарци.