ЗАСТАРЕЛО ДЕЛОТО „ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ“ ЗА ЈАНКУЛОСКА, ЈАНАКИЕСКИ И ПРОТОЃЕР ЗА „ТИТАНИК“

0
739

Обвинението против поранешните министри, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески и поранешниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Протоѓер за делото „злосторничко здружување“ застарело, констатирал Апелациониот суд во вчерашната одлука со која им се ублажија казните на обвинетите во предметот „Титаник“.

Второстепениот суд утврдил дека настапила апсолутна застареност на кривичното гонење за „злосторничко здружување“ согласно член 107 став 1 точка 4 в.в. со член 108 став 6 од КЗ, а во која насока се и жалбените наводи на одбраната.

Апелација објаснува дека, според обвинението, Протоѓер, Јанкулоска и Јанакиески делото за кое е пропишана казна затвор од една до пет години, го сториле во првата половина на 2011 година, така што заедно со обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, создале група која имала за цел вршење на кривични дела против изборите и гласањето за кои кривични дела може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна.