ЗАМИНУВАЊЕТО НА ЛЕОНИД ВО ВИЕНА БЕШЕ ПО ЛИЧНО БАРАЊЕ НА РОДИТЕЛИТЕ, ВЕЛИ МАНОЛЕВА

0
297

Прво треба да се испочитува здравствениот систем, пациентите да ги исцрпат сите можности кои тука ги имаме, и дури потоа да се упатат на лекување или на рехабилитација во странство. Ова денеска при посетата на поликлиниката „Јане Сандански“ го изјави заменик-министерката за здравство Маја Манолева, откако беше прашана дали по случајот на младиот Леонид Индов, на кого Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија му го одби барањето за лекување во странство на трошок на Фондот, ќе предложат да се направат законски измени со цел да се овозможи лекување и рехабилитација на пациентите на трошок на државата.

„Сакам да повикам дека ние имаме здравствен систем кој во последните години во однос на апаратурата, во однос на опременоста е навистина напреднат, кој за одреден дел од пациентите кои претходно сме ги упатувале на лекување во страство, сега може да одговори и одговара. Секако дека треба и оваа опција да се разгледа, дека треба и да се предложи и до Собранието некава измена за она што значи можност откако ќе бидат исцрпени сите можности во нашата земја за лекување, пациентите да бидат упатени за лекување или за рехабилитација“вели таа.
Сепак, посочи дека треба да се консултираат правни лица на оваа тема, зашто треба да се провери дали треба да се сменат законските услови или треба да се смени во Законот за здравствено осигурување или треба да се направи промена со правилник на Фондот.

Одговарајќи на новинарско прашање дали се детално запознани со случајот на Леонид, зашто родителите тврдат дека немало услови за негово лекување во земјава, како и тој да се ослободи од респираторно дишење, заменик-министерката рече дека родителите немаат побарано никакво мислење од соодветна институци за можноста или неможноста за завршување на лекувањето, односно рехабилитација на тоа дете во нашите установи.„Треба прво да се изоди тој пат, па потоа да ја прегледаме целата медицинска документација, да го видиме клинички пациентот и потоа стручниот колегиум да даде свое мислење дали има или нема можност за продолжување на лекувањето и рехабилитацијата во нашите институции“, рече заминик-министерката за здравство.

На прашање дали знаеле зошто момчето заминало во Австрија со медицински хелихоптер, Манолева вели дека заминувањето на момчето било по индивидуално барање на родителот упатено до Центарот со управување со кризи, кое таа информација ја споделило со Министерството за внатрешни работи, а МВР заради потпишаниот меморандум за соработка со Министерството за здравство им овозможило на родителите транспорт на тешок пациенти од Скопје до Виена.

„Пред неколку месеци имав средба со родителите на момчето, како специјалист од областа им образложив каков треба да биде патот на детето. Не е точно дека не сме се заинтересирале и дека ништо не сме овозможиле досега. Одлуката беше нивна. Не можете да влијаете на ничија одлука да бара она што смета дека е најдобро за некого. Ги поддржувам и им стојам на располагање на родителите за секаква помош, која можам да ја укажам како специјалист по физикална медицина и рехабилитација, но и како заменик-министер“ рече Манолева.

Индов на почетокот на месецов (6 февруари) беше транспортиран на лекување во Виена, Австрија, а властите тогаш се пофалија дека тој е првиот пациент од земјава кој се транспортира со медикоптерот на Министерството за внатрешни работи.На настанот, кој беше и промоција на медикоптерот, присуствуваа дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Сашо Тасевски, и директорот на Градската Општа болница „8 Септември”, д-р Христијан Костов.

Пред два дена, заменик-народниот правобранител Јован Андоновски на својот Фејсбук профил објави дека Фондот за здравствено осигурување го одбил барањето на семејството на Индов – момчето да се лекува во Виена, затоа што такво „продолжено болничко лекување“ можело да се изврши и во здравствени институции во земјава.
По неговата објава и реакциите кои почнаа да се шират на социјалните мрежи, преку писмено соопштение се огласија од Фондот за здравствено осигурување на РСМ, од каде што велат дека барањето на еден од родителите на Леонид Индов било одбиено како неосновано затоа што не се работело за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга – медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување.

Откако ФЗО одлучи дека не може да го плати лекувањето на Леонид Индов во Виена, средства се собираат преку донации
Во меѓувреме на социјалните мрежи се споделува повик до граѓаните да донираат средства за младиот Индов да може да го продолжи лекувањето во Виена.
Како што пишува близок член на семејството на момчето, за неговото лекување во Виена се потребни 140 000 евра, односно 86 800 луѓе треба да свртат на броевите за донација (или 4,5 отсто од популацијата на земјава) за да се соберат потребните средства.

Истото лице, во објава на Фејсбук вели:

„До ФЗОМ. Се прашувам зошто го однесовте во Виена кога можело да го однесете во државна болница таму како велите сте имале усови да го третирате и лечите… Да ве потсетам немате соодветни душеци, Леонид еден месец како го легнавте не го станавте, хигиената ви е на ‘завидно ниво’, ‘персоналот обучен за вакви пациенти’, психолог немавте да најдете цел месец да го посети Лео, психички го ‘утепавте’, му направивте такви рани од кои една ќе треба година да се залечи… Сакате уште да ве потсетам..“

За потсетување, Леонид Индов минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција, при што повреди повеќе р‘бетни пршлени. Дише на респиратор и не може да ги движи екстремитетите. Поради тоа и транспортот со хеликоптер беше ризичен и сложен, зашто морал да патува приклучен на респиратор и под специјалистичка лекарска придружба.