Заев: Граѓаните кои вистински се грижат, да ги осигурам дека никој не преговара за македонскиот идентитет и јазик

0
1256

Премиерот Заев денеска упати збориви со кои сака, како што рече, да ги осигура граѓаните дека нема преговори на штета на македонството.

-За сите граѓани кои вистински се грижат, да ги осигурам дека никој не преговара за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик. Тоа е наше право на самоопределување, изјави Заев при престој во Неготино, пренесува МИА.

Тој додал дека нашиот јазик е признат во светот и дека ние сме Македонци и такви, како пријатели на Република Бугарија и бугарскиот народ, треба да продолжиме да го градиме пријателството.

– Ставот е јасен за сите. Ние сме самостојна нација, која што се развила како што се развивале паралелно сите други нации. Нашиот јазик е исто, како и другите јазици од словенско потекло. Потекнуваат од старословенскиот јазик, од старословенската култура, преку развивање на глаголицата од свети Кирил и Методиј и кирилицата од нивните наследници свети Климент и Наум Охридски, се равивале јазиците. Имаме точно, дел од заедничка историја, која што ги поврзува двата народа и двете држави, од каде буквално се создаваат и македонскиот и бугарскиот јазик, па и српскиот и сите други словенски јазици, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по промоција на фотонапонска централа во Неготино.

Тој објасни и за што се преговара со бугарската страна.

– Преговараме за работите од каде почна проблемот. Долгото и краткото име. Дали Македонија има аспирации кон Бугарија или не. Утврдивме, како што го решивме во НАТО, така и во ЕУ, преку нота, во која потврдуваме дека Македонија нема територијални претензии и за мешање во внатрешните работи и малцинските права, затоа што и Бугарија нема и тоа е меѓународно регулирано, рече Заев.

Се разговара, нагласи тој, за стопирање на говорот на омраза, за фази и акциски планови за поуспешно имплементирање на Договорот.

– Секако решението за јазикот, затоа што во преговарачката рамка се упатува на преведување на акито на македонски јазик и тука дојде реакцијата од страна на Бугарија. Ние го имаме решението и тоа за Бугарија македонскиот јазик значи македонски јазик согласно Уставот, за ЕУ македонскиот јазик е чиста работа. За нас бугарскиот јазик значи бугарски јазик согласно Уставот на Бугарија. Ама во 21 век да ставаме вакви билатерални клаузули навистина не е во ред и убаво е да се направи исчекор од страна на Бугарија, која што неколку пати кажува дека ја прифаќа реалноста, го признава македонскиот јазик и народ, но ајде да го утврдиме минатото, изјави Заев.

Посочи дека разговорите треба да продолжат без разлика на исходот на 10 или 18 декември, кога треба да се донесе одлуката.

– Сепак стратегија на држвата е дека треба да продолжиме да разговараме. Во најмала рака да создаваме атмосфера и да отстрануваме пречки за следното лето, но ако може тоа да го постигнеме и сега би требало да правиме максимални напори до последниот момент, изјави Заев.