ЕУ ДОДЕЛИ 2,1 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН, ПАРИ СЕ ПРЕДВИДЕНИ И ЗА КОРИДОР 8

0
734
Со финансиски пакет од 2,1 милијарди евра, Европската комисија (ЕК) ќе поддржи 14 водечки инвестициски компании и приватниот сектор на земјите од Западен Балкан. Ова е петти инвестициски пакет согласно Економскиот и инвестицискиот план на ЕУ за Западен Балкан, кој ќе ги поддржи компаниите за транспорт, енергија, животна средина и човечки капитал, се наведува во објавата на официјалната веб-страница на ЕУ.

„Финансискиот пакет содржи 528 милиони евра грантови од ЕУ од Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), дополнителни билатерални придонеси од членките на ЕУ и Норвешка, заеми од меѓународни финансиски институции и придонеси од економиите на Западен Балкан“, стои во соопштението на Европската комисија.

Меѓу проекти кои ќе бидат поддржани со овој финансиски пакет е и изградбата на автопатски делници и подделници од Коридорот 8 во Северна Македонија.Македонија ќе добие поддршка и за проекти насочени кон подобрување на енергетската ефикасност и за зајакнување на преносната мрежа.

Финансиска помош е предвидена и за изградба на делници од автопатот на Коридорот 5 во Босна и Херцеговина, за рехабилитација на хидроцентралите во Србија и Босна и Херцеговина и за воведување на еколошки јавен превоз во Албанија во Тирана.Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји рече дека со ваквата помош, ЕУ испраќа порака оти иднината на земјите  од Западен Балкан е во Европската Унија, а дека проектите за кои ЕУ дава финансиска поддршка, подобро ќе го поврзат регионот одвнатре, но и со Унијата.