ЕУ: Амнестијата за изборен криминал не е во интерес на Македонија

0
1234

Европската Комисија реагира на одлуката на Уставниот суд во Македонија на претседателот на државата да му го врати правото да помилува осомничени и осудени лица за изборен криминал. Неказнивоста е неприфатлива, пренесува Дојче веле.

Европската Унија очекува да се избегнуваат чекори кои ќе бидат во спротивност со Договорот од Пржино, по одлуката на Уставниот суд да ги укине измените во Законот за помилување од 2009 година и на тој начин повторно да овозможат помилување на лица кои, меѓудругото, се обвинети за изборен криминал.

Во Брисел сметаат дека се неприфатливи сугестиите за неказнивост на дела поврзани со изборни нерегуларности.

„Вонредните парламентарни избори, како што е предвидено во Договорот од Пржино, се клучен чекор во реформскиот процес кој треба да ја врати довербата на граѓаните во изборниот процес и да ја извлече земјата од политичката криза. Очекуваме да се избегнува секој потег кој би бил спротивен на оваа цел. Секоја сугестија за неказнивност во однос на дела поврзани со изборите ќе биде во спротивност на напорите инвестирани од земјата и од меѓународната заедница кон овозможување услови за веродостојни избори и враќање на довербата на граѓаните во изборниот процес“, вели портпаролката на комесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан, Маја Коцијанчич за Дојче Веле.

Таа потсетува дека евентуалната одлука на Иванов да ги помилува обвинетите за изборни манипулации ќе биде и во спротивност со улогата на Специјалното обвинителство.

„Таквиот потег ќе биде и во спротивност со одлуката на парламентот и на политичките партии да формираат Специјално обвинителство кое треба да ги разгледа и гони прекршувањата, вклучително и делата кои се во врска со претходните избори“.

ЕУ очекува македонскиот претседател Ѓорге Иванов да работи на зајакнување, а не на заслабнување на демократијата во земјата.

„Сега, кога кривичните дела поврзани со изборите можат да се амнестираат, моќта за таквата одлука ќе биде во рацете на актуелниот и идните претседатели на државата. Очекуваме оваа алатка да се користи во насока на зајакнување, а не заслабнување на демократијата“, вели Коцијанчич.

Извор: Дојче Веле