ЕСКОБАР : ИСКОРИСТЕТЕ ЈА ШАНСАТА ЗА ЕУ ДЕНЕС, НЕ ЗНАЕМЕ ШТО ЌЕ БИДЕ УТРЕ

0
625

Шефот за Западен Балкан во американскиот Стејт департмент, Габриел Ескобар, во интервјуто за „360 степени“, упати порака до политичките елити и граѓаните на земјава дека треба да се искористи актуелната шанса за придвижување во евроинтеграцискиот процес зашто утрешнината носи неизвесност.
Прашан да го коментира тоа што од ВМРО-ДПМНЕ по неговата средба со лидерот Христијан Мицкоски издадоа соопштение во кое се вели дека тие се за ЕУ, но во исто време се против уставни измени, Ескобар одговори:

„Па, би сакал да ги видам да ја објаснат оваа дилема на јавноста. Затоа што, многу искрено, во моментов, земајќи ги предвид сите работи што се случуваат во Европа и што се случуваат во светот, не знаеме што ќе се случи утре. Но, знаеме дека денес имаме можности да ја придвижиме кандидатурата на Северна Македонија поблиску и побргу од кој било друг на Западниот Балкан. Од гледна точка на пријател, близок пријател, би сакале Северна Македонија да ја совлада оваа пречка и да почне да се дефинира себеси преку односите со трансатлантската заедница, преку нејзините односи со остатокот на светот врз основа на нејзините вредности, а не да се дефинира според Бугарија.“

Американскиот дипломат, во разговорот, рече и дека не е во Скопје за да му кажува на лидерот на опозицијата што да прави ниту, пак, да му диктира услови. Но, додава Ескобар, сакал да стави јасно до знаење дека САД ги избираат за партнери на Балканот оние што го приближуваат регионот поблиску до Европа, оние кои ја покажуваат својата посветеност на НАТО и кои ја продолжуваат борбата против корупцијата.„Тоа што се случува во моментов, со можностите кои се презентирани, да се придвижи кандидатскиот статус на Северна Македонија кон Европската Унија, е дел од тој процес. Јас не барам од луѓето да ја поддржат Владата. Барам од луѓето – ве молам, работете со нас, за да го поддржиме европскиот пат. Затоа што ќе ни биде од корист и нам“,вели Ескобар.