ЕКСПЕРТИТЕ ПРЕДУПРЕДУВААТ ДЕКА СРБИЈА ПРЕМНОГУ ПОЗАЈМИЛА ОД КИНЕЗИТЕ

0
614

Српските власти неодамна се обидоа да договорат репрограмирање на обврските кон кинеските кредитори, но партнерите од Пекинг не беа заинтересирани за никакви отстапки, објави Демостат. И додека министерот за финансии Синиша Мали ги негира овие наводи, експертите предупредуваат дека Србија премногу позајмила од Кинезите. Секогаш кога официјален Белград бараше пари, Пекинг ги даваше, а сега кога се моли за репрограмирање на долгот, Далечниот Исток јасно одговара – не, благодарам.

„Според податоците на Управата за јавен долг, Србија во моментов има обврски од вкупно 2,26 милијарди евра кон Експорт Импорт банк оф Чајна, институцијата преку која одат речиси сите кредити што ги земаме од оваа земја. Како што дознава Демостат, откако Кинезите одбиле да одложат дел од српските обврски, Владата се обратила кон партнерите од Европската унија во обид да обезбеди поповолно рефинансирање“, пишува Демостат, пренесува Н1 Инфо.

„Република Србија нема, ниту има потреба или причина да бара репрограмирање на заемите на кинеската банка „Експорт Импорт Банк оф Чајна“, како што денеска неточно и непроверено објави порталот Демостат.рс., повикувајќи се на неименувани извори. Јавните финансии на нашата земја се стабилни, без мака и навреме ги отплаќаме сите наши обврски, средствата се обезбедени навремено, дури и за сите кредитни обврски кои штотуку пристигнаа“, рече Мали. Иако постојано се трупаат милијарди евра долг кон Далечниот Исток – државата планира да се задолжи и за метрото и за делови од обиколницата околу Белград и Нови Сад.