ЕВРОПСКИ СОЈУЗ ЗА ПРОМЕНИ СО ДЕКЛАРАЦИЈА ЗА ЗАЕДНИЧКИ НАСТАП НА ИЗБОРИТЕ

0
216

Африм Гаши, Изет Меџити и Биљал Касами вечерва во Тетово потпишаа заедничка декларација на коалицијата Европски сојуз за промени за заеднички настап на претстојните парламентарни и претседателски избори.Како лидери на нивните партии Алтернатива, Демократско Движење и Движење Беса, тие се обврзаа на заедничко опозициско настапување во албанскиот политички блок со фокус кон зачленување на државата во Европската унија.

Пред потпишувањето, тројцата партиски лидери се обратија пред присутните партиски членови и симпатизери кои присуствуваа на настанот во една од спортските сали во Тетово.

Претседателот на Демократско Движење Изет Меџити ја истакна потребата за мобилизација за промени.
– Ова е движење за тие што мислат поинаку од криминалот на партијата на власт. Доста беше молчење, тишина, апатија и едноумие. Времето за промени се приближува. Ги повикувам сите да се приклучат, тие што можат да го променат мислењето можат се да променат, промената доаѓа, порача Изет Меџити.

Интеграцијата во Европската унија е избор на сите, порача лидерот на Алтернатива.

– Тој што соработува само со надворешниот фактор на штета на внатрешниот фактор на албанскиот народ, не може да владее без соработка со албанскиот народ. Треба да има соработка за демократија, економија, општествен развој за војување против корупција и дискриминација на патот кон ЕУ, истакна Африм Гаши.

Лидерот на Движење Беса Биљал Касами последен се обрати од говорницата, посочувајќи дека повисоко убедување од нивниот сојуз е „бесата“ (ветувањето) за европски промени.

– Во овој момент кога во Северна Македонија криминалот и корупцијата излегоа од контрола, правосудниот систем е узурпиран од власта, образованието уништено, здравството е запоставено, додека млади масовно ја напуштаат државата. Да се обединиме да ставиме крај на сето ова, да бидеме гласот на сите граѓани кои со нетрпение чекаат промени. Само обединети можеме да се избориме со сите гореспоменати антиграѓански и антиевропски појави на актуелната власт. Се обединуваме затоа што Албанците во Северна Македонија заслужуваат автентично претставување, истакна Касами.
Исто така, Касами посочи дека тие ќе ги отстранат сите законски и уставни дефиниции кои се евазивни во остварувањето на правата на Албанците.