ДУИ И АХМЕТИ ГИ ,,ЧИСТАТ” ОГНЕНИТЕ – РАЗРЕШЕН ДРЖАВЕН СЕКРЕТАР ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛА

0
447

Уште еден функционер на ДУИ од „огнената група“ е разрешен од својата функција. Се работи за државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика, Ресми Ејупи. Тој вели дека е разрешен поради тоа што е неистомисленик, односно затоа што се приклучи на огнените кои од неодамна почнаа да делуваат како фракција.

Со разрешувањето на Ејупи и претходно на Башким Хасани, еден од најголемите ограноци на ДУИ, како што е гостиварскиот огранок, останува без ниту еден претставник во извршната власт, што се случува за прв пат од формирањето на ДУИ.

„Почитувани членови и симпатизери на ДУИ Гостивар, во 2020 година бев назначен за државен секретар во Министерството за труд и социјална политика од страна на раководството на Огранокот Гостивар, кога претседател беше Башким Хасани, на кого сакам јавно да му се заблагодарам за укажаната доверба во тоа време, јас како член на ДУИ да бидам политички претставник во оваа институција, каде што се обидов за овие две и пол години да дадам се од себе и да бидам на располагање на општеството и политичката структура.

Во оваа прилика сакам да ве информирам дека од вчера повеќе не ја вршам функцијата државен секретар во Министерството за труд и социјална политика и тука вреди да се нагласи дека единствена причина поради која сум разрешен од оваа функција е ЈАВНАТА ПОДДРШКА ЗА РАЗЛИЧНОТО МИСЛЕЊЕ ВО ПАРТИЈАТА.

Ниту една форма на политички реперкусии нема да ме спречи да го искажам слободното мислење и да поддржувам мислења што мислам дека се во корист на општеството.

Продолжувам да ја поддржувам и да бидам дел од „Огнената група“ и тоа мислење според мене е во корист на општеството воопшто, и на ДУИ како политичка партија“, напиша Ејупи.