ДОБРИЛА КАЦАРСКА СО АПЕЛ ДО КОМПАНИИТЕ ДА ПЛАТАТ СОЛИДАРЕН ДАНОК

0
224

Претседателката на уставниот суд, Добрила Кацарска им порача на компаниите да ја платат својата обврска што произлегува од законот за солидарен данок.

„Тие (фирмите) треба да го платат овој данок, доколку Уставниот суд одлучи поинаку тогаш ќе дискутираме кои се следните чекори за тие фирми. И битно е дали при поведувањето постапка, Уставниот суд би го укинал тој закон, дали би го поништил. Така што има разлика и не би можела да ви кажам сега што би се случувало додека Судот конечно не се произнесе“, изјави денеска претседателката на Уставниот суд.

Таа ги предупреди компаниите да не го чекаат уставниот суд да постапи во предметот по иницијативата, бидејќи тоа најверојатно нема да се случи оваа година. Кацарска не сакаше да прогнозира што ќе се случува доколку судиите одлучат во корист на компаниите кои се спротивставија на Законот.

УЈП постојано предупредува дека рокот со опомени е до 24 ноември, а по тоа сметките ќе им бидат блокирани. Данок на солидарност платиле над 130 компании или 37,3 милиони евра, а највисоката сума која е уплатена е од компанијата „Макстил“ – 257 милиони денари данок.