Димитров: „Ниту ние, ниту регионот немаме луксуз да не продолжиме да ги спроведуваме историските достигнувања од март за да им овозможиме на нашите граѓани конечно дома да ги практикуваат европските стандарди.“

0
884

Денес министерот за надворешни работи Никола Димитров на покана на Советот за регионална соработка (RCC), учествуваше на он-лајн дебата на тема „Балкан барометар 2020: Формата на нештата што следат“, во рамки на панелот „Дали бизнисите и граѓаните од Западен Балкан се задоволни од целокупната ситуација во регионот и како влијаеше на нив појавата на Корона“.

За време на панелот МНР Димитров истакна: „Во март светот се соочи со неверојатен предизвик – пандемијата, но истовремено се случија и историски работи за нас – ЕУ потврди дека Северна Македонија со своите реформски перформанси во последните три години заслужи зелено светло, а НАТО и формално не’ прими како 30-та полноправна земја членка. Ниту ние, ниту регионот немаме луксуз да не продолжиме да ги спроведуваме историските достигнувања од март за да им овозможиме на нашите граѓани конечно дома да ги практикуваат европските стандарди.“

На настанот, покрај МНР Димитров учествуваа и Оливер Вархеји, Комесарот за соседска политика и проширување, Гент Цакај, вршител на должноста министер за надворешни работи на Албанија, Волфганг Ишингер, поранешен амбасадор и дипломат на Германија и Геновева Руиз Калавера, директор во одделот за Западен Балкан во рамките на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија, а во улога на модератор беше Мелинда Брегу, Генералниот секретар на Советот за регионална соработка. 

Дискусијата послужи за промоција на изданието на Балкан Барометар 2020, значајна алатка за сондирање на мислењата на јавноста и бизнис заедниците, лансирана со цел да го следи влијанието на регионалните активности имплементирани во рамки на Стратегијата ЈИЕ 2020 на RCC, кога станува збор за социјални, политички и економски фактори, кои влијаат врз животот во ЈИЕ. Истовремено настанот послужи да се направи пресек на напредокот на Западен Балкан во развојот на регионалната соработка, европската интеграција и агендата за реформска трансформација.