ДЕТЕКТОР АНКЕТА : ТЕЛЕВИЗИИТЕ ОСТАНУВААТ ГЛАВЕН ИЗВОР НА ИНФОРМАЦИИ – ГРАЃАНИТЕ СЕ ПОВЕЌЕ ПРЕПОЗНАВААТ ЛАЖНИ ВЕСТИ

0
143

Телевизиите и натаму се главен извор на информации за граѓаните и како медиум, во моментов уживаат најголема доверба. Вакви резултати дава последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според него, телевизијата е прв тип на медиум од кој граѓаните се информираат. Ваков одговор дале дури 60% од анкетираните. Следат социјалните мрежи со 18,2% и веб сајтовите со 16,3%.

Радиото и весниците заостануваат значително за овие бројки.
Очекувано, повозрасните повеќе се потпираат на телевизијата како извор на информации, а помладите се повеќе се вртат кон социјалните мрежи. Па така, ако за лицата над 60 години во 92,6% телевизијата е прв избор за извор на информации, само една четвртина од младите под 30 години главно информациите ги добиваат од телевизија. Во оваа возрасна група прв избор за информирање се социјалните мрежи, а ваков став делат дури 43,1% од младите кои се уште немаат 30 години.

Телевизијата и натаму е медиум на кој граѓаните најмногу му веруваат. На скала од 1 до 5 довербата во телевизиите е оценета со 3,04. Следи радиото со оценка 2,81, веб сајтовите со 2,69, весниците со 2,65 а најмала оценка за доверба, 2,63 имаат социјалните мрежи.

Граѓаните и дале оценка 2,7 на скалата од 1 до 5 на медиумската писменост во Македонија, односно на способноста на граѓаните да препознаваат лажни вести и дезинформации.

Мнозинството граѓани за информирање дневно на медиумите поминува меѓу 30 и 60 минути, а најчесто информациите се добиваат од повеќе медиуми. Секој четврти граѓанин отвора најмалку 2 извори за информирање додека над 20% информации црпат од повеќе од 5 медиуми. Дури две третини до граѓаните сметаат дека денеска има повеќе лажни вести отколку пред 5 години. Само 8,3% детектирале намален обем на лажни вести. Анализата на возрасната структурана испитаниците покажува дека младите повеќе препознаваат лажни вести иако процентите со годините не се менуваат драстично.

Интересно е дека 71% Македонци и над 50% етнички Албанци сметаат дека денеска има повеќе лажни вести во споредба со периодот од пред 5 години. 47,6% од анкетираните се на ставот дека споредено со други земји, граѓаните на Македонија се
повеќе подложни на дезинформации и лажни вести. 34,4% не гледаат некоја разлика додека само 7% се на ставот дека во другите земји граѓаните се поподложни на лажни вести од Македонците.

Третина од етничките Албанци и половина од Македонците сметаат дека во Македонија граѓаните се поподложни на лажни вести споредено со граѓаните на други земји.

Оттука, близу две третини или 62,6% од анкетраните сметаат дека медиумската писменост треба да се вклучи во образовниот процес во основното и средното образование.

Анкетата за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања врз репрезентативен примерок од 1078 испитаници во периодот од 21 до 24 март.