ГРУЈО СЕ ЈАВИ ОД БУДИМПЕШТА – ЈАНКУЛОВСКА И ПРОТОЃЕР СЕ ПОНИЖИЈА САМИТЕ СО ТОА ШТО ВО СУД ПРИЗНАА ВИНА

0
4989

Уште недозавршено рочиштето во случајот „Титаник“, во кое повеќемина од неговите најблиски соработници признаа вина за изборни злоупотреби, поранешниот премиер Никола Груевски се јави од Будимпешта тврдејќи дека е направен „пазар“ со обвинителството и во таа постапка тие се понижиле себеси и признале вина која не постоела.

Според Груевски, таква вина за изборни злоупотреби кога тој беше на чело на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата не постои затоа што обвиненијата биле фингирани.

Но тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, во своите завршни зборови на денешното брзо рочиште откако призна вина, мисли спротивно од Груевски.

„Со признавањето вина по однос на ова обвинение, сакам да испратам порака дека секој што се нафатил да извршува јавна функција, државна или политичка, мора да биде подготвен да се соочи со последиците од одлуките во кои учествувал, и за време на извршувањето на мојата функција, и сега, како поранешен функционер ниту бегав, ниту ќе бегам од одговорност. На јавноста ѝ е познато дека имајќи предвид дека извршував една од најкомплексните функции, министер за внатрешни работи, учествував и во донесување на одлуки кои не само што не биле лесни, туку многу често биле и многу ризични“, рече Јанкулоска.

Груевски од удобна егзилска заветрина преку долго писание на Фејсбук дели оценки и совети за случајот во кој е и тој обвинет.

„Целта на власта и на јавното обвинителство е низ еден долгогодишен мачен судски процес на политички монтирани судски процеси, дел од политички таргетираните обвинети лица да бидат неправедно осудени, а дел и затворени за конструкции, за кои наместо докази се нудат претпоставки, незаконски обезбедени тнр. докази или уценети сведоци.

Исто така, цел е дел од таргетираните неправедно обвинети, доведени до агонија од долгите и исцрпувачки судски процеси, некои од нив претрупани и со голем број конструирани судски предмети, од кои со години не можат нормално да функционираат, по долгогодишна борба и докажување на правдата, низ еден процес на нудење ‘пазар’ од страна на обвинителството да бидат приклештени на правење штета на себе и потенцијално на други, а верувајки дека со тоа ќе одбегнат поголема штета, да се понижат и да се принудат самите да си признаат вина која ја немаат.

Вина која не постои“.

Бегалецот од Будимпешта тврди дека од обвинителството „врбувале, ангажирале и задолжиле некои од обвинетите да ги убедуваат другите обвинети да се спогодат, да признаат вина и да добијат условни пресуди. По долги преговори и притисоци, убедување комбинирано со закани и нудење одстапки, или со ‘стап и морков’ стратегија, денес се одржа однапред режирана седница во судот, од чии исход има најмалку правда и реална вина на оние кои ја признаа, а најмногу режии на политички судски прогони со долгорочни последици, од едно време кое никогаш не е видено на просторот на Македонија“.

Очигледна е загриженоста на Груевски дека процесот, чиј дел е и тој, а кој денеска почна по трет пат, најпосле може да заврши со осудителни пресуди, бидејќи голем дел од неговите важни соработници признаа вина.

Неговата десна рака, Мартин Протуѓер, во своите завршни зборови денеска рече дека „како учесник во политичките случувања во минатото и носењето одлуки во минатото чувствувам една морална обврска да го направам тоа што сега го правам“.

Миле Јанакиески во завршните зборови замоли за најминимална можна казна, велејќи дека од 2015 година е по судовите. „Девет години постојано работев нешто да направам за оваа држава, а веќе седум години издржувам казна. Од 2015 јас секој ден сум на суд. Ова го направив бидејќи чувствував пред сѐ морална одговорност и затоа се извинив на сите оние непријатни моменти во бомбите и покрај тоа што и таму сум бил жртва, бидејќи заедно со мојата сопруга сум прислушуван. Но сметам дека треба да го направам овој чекор за на некој начин да придонесам за подобрување на состојбата во општеството“, рече Јанакиески.

Мунир Пепиќ, пак, рече дека признал вина за да ги скрати своите и маките на неговото семејство. „Доволно го уништив животот на моето семејство и својот, затоа и донесов денеска таква одлука, да признам вина, да им ги скратам маките на моето семејство и на самиот себеси“.

Но за Груевски нивните страдања по судниците за делата што ги вршеле кога беше тој врховна власт во земјава и признанијата за вината било „лажна победа“ на обвинителството, „лажен тримф и лажен аргумент, изнуден со валкани методи“.

Тој тврди дека овие процеси кои произлогоа од големото масовно прислушување се „хајка на недемократски режим кој беше инсталиран со задача да прифати нешто што мнозинството народ не го прифати, како што беше промената на името, на идентитетот и историјата“. И дека тие што се денес на власт ќе се соочеле со вистината и правдата.

Пресудата за осумтемина кои денеска признаа вина е закажана за 28 февруари. (Н.В.)

Извор : Независен