ГРУЕВСКИ ЗА БРАТ ЉУБЕ : ДОДЕКА ГО ПЛАЌАВМЕ ОД ПАРТИЈА, ТОЈ ПРАВЕШЕ СВОЈА ПАРТИЈА ЗА ДА НЕ РУШИ ОД ВЛАСТ, НИКОГАШ НЕМА ДА СФАТАМ КАКОВ ВАКОВ КЛОВН ДОГУРАЛ ДО ШЕФ НА МВР?!

0
383

Ја прочитав изјавата на Љубе Бошковски дадена денес. Дека ВМРО-ДПМНЕ ја напуштил, но не ја напуштил идеологијата. Дека тоа го сторил поради тоталитарното владеење од моја страна, со кое не можел да се согласи како демократ.Љубе прв пат го запознав кон крајот на 1998 година или почетокот на 1999 година во мојата канцеларија која сеуште привремено беше во владата, пред да се преселам во зградата на Министерството за трговија, каде денес е сместено министерството за економија.

Тогаш тој ми кажа дека ќе бил заменик директор на службата за државна безбедност, а беше дојден за некои лични работи поврзани со ресорот кој го водев.
Ќе се воздржам за впечатоците кои ги добив и за многу други работи за кои може да се напише книга од жанрот траги-комедија, и директно ќе преминам на поентата.
Љубе Бошковски беше во притворот во Хаг. Јас и тој никогаш не бевме на иста фреквенција, но кога тој се најде во неприлика, тоа го заборавив.
Направив се што можеме да му помогнеме. Владата донесе одлука со која ги покри сите трошоци за неговата одбрана и се што можеше финансиски да се помогне, беше помогнато, подеднакво како и за Јохан Тарчуловски.Ниту еден двајцата немаа забелешка во тој дел и напротив беа многу задоволни. Немаше нешто што побараа, а да не им беше исполнето.

Јас лично редовно го посетував во затворот поминувајќи во еден ден четири часа со него и потоа уште четири часа одделно со Тарчуловски, за што добив и не формални забелешки од многу високи политички истанци во европската унија од најмоќните држави, во смисла дека не е во ред што пре често посетувам лица на кои ќе им се суди за многу тежок вид кривични дело со смртни последици за повеќе луѓе, бидејќи со тоа и во Македонија и во ЕУ оставам впечаток дека го одобрувам она за што се обвинети. Објаснував дека ние веруваме дека двајцата не се виновни за тоа што ги теретат.

Исто така бев препорачал и други партиски високо позиционирани лица да го посетуваат. Се трудевме на секој начин да му ја олесниме ситуацијата.
Го третиравме како жртва, иако јас добро знаев кој е Љубе Бошковски бидејќи бевме колеги во владата на Љубчо Георгиевски.

Знаев и за сосема непотребното и недозволено пукање во кое тој како министер за внатрешни работи лично рани новинарка во 2001 година, која за малку не го загуби животот, случај кој тогаш некако се заташка.

Знаев за начинот на кој го водеше министерството и како несмасно и непрофесионално се однесуваше за време на конфликтот во 2001 година, и за многу други работи. Ми беше јасен неговиот капацитет и карактер.

Единствено не знаев по кој критериум таков човек станал министер за внатрешни работи на Република Македонија и тоа во сред вооружен конфликт. Еднаш, во една прилика во владата, некаде можеби во 2013 или 2014 година го прашав Љубчо Георгиевски за тоа, и бев прилично директен прашувајќи како е можно еден таков кловн да дојде на таква позиција.

Тој ми ги кажа околностите кои довеле до таква одлука, но бидејќи има и лични моменти, ќе се воздржам од прераскажување на тоа.

Јавноста, дури и онаа вмровската јавност која заради припадноста го подржуваше, прв пат беше во длабок шок од него кога протече видео и аудио снимка во македонските медиуми од негово сослушување во Хаг. Од снимката јасно се слушаше и се гледаше како Љ.Бошковски најдиректно и најмизерно го мести и кодоши Јохан Тарчуловски за одговорен и виновен во случајот Љуботен, за кој ги теретеа пред хашкиот трибунал, се со цел да се спаси себе од одговорност.

Од самиот Јохан знам дека најпрвин таква понуда добил Јохан Тарчуловски, истото да го направи кон Љубе Бошковски, но тој не ја прифатил.

Вториот, можеби уште поголем шок беше кога јавноста го виде и слушна Љ. Бошковски од видео и аудио снимката која излезе во македонските медиуми некаде во 2015 година и од која јасно се гледаше и слушаше како Љубе Бошковски го продава името Република Македонија за пари, на преставник на грчката држава, раскажувајќи како ќе го лажел народот во текот на изборната кампања за да ми земал политички поени и гласови, а потоа, верувајќи дека ќе победи, за два дена ќе ја завршел работата, прифаќајки го токму името “Северна”, што години подоцна и го прифати како дел од коалицијата на СДСМ.

Но, таа снимка не е онаа снимка заради која беше осуден, бидејќи тој тогаш земал само аванс, помал износ, туку кога ги земал главните пари кои беа многу поголем износ, во еден скопски ресторант.И за тоа Љубе се чувствува дека бил под прогон, а “независното судство” на Заев го ослободи од одговорност и веројатно од парите на граѓаните на Македонија му платија и парична оштета што извесен период беше во затвор заради тоа.Дополнително иако без соодветна квалификација за тоа, беше назначен и сите изминати години тој беше некаков советник за привлекување странски инвестиции на владата, но нечувме дека донел некој инвеститор за што редовно месечно земаше пари од буџетот.

Јас сето тоа го сфатив како порака од некои инстанци, дека тие што работеа и го сменија името, идентитетот, историјата и уставот во корист на Грција се наградуваат на секој начин, а тие што се спротиставуваа се казнуваат на секој начин, при што јас бев одбран како главниот пример да се покаже пред другите и во земјата и надвор, што може некого да снајде ако чесно се бориш за национален интерес и се спротиставиш некому, а како ќе бидат ослободени од реални криминали како што беше ослободен Заев, и од исклучително тешка позиција во каква што беше Љубе, доколку станеш соработник и предавник. Плус и парично награден.

А сега за главното. За напуштањето на ВМРО-ДПМНЕ од страна на Љубе Бошковски заради како што самиот кажува денес моето тоталитарно владеење, но и не напуштањето на “идеологијата”.

Ова за прв пат го објавувам бидејќи самиот Љубе ме предизвика и многумина ќе бидат изненадени.

Имено, нема да го наведам изворот, но јас имав информации за однесувањето на Љубе Бошковски во притворот во Шевенинген.

Тој таму не беше 24 часа изолиран, туку во текот на денот беше во друштво со многу од притворените, повеќето поранешни познати политички и воени личности и лидери од просторите на поранешна Југославија.Се додека имаше неизвесност за исходот од престојното судење Љубе поминуваше низ разни психолошки кризи, низ годините поминати таму, за кои нема да пишувам. И што во такви ситуации говорел нема да објавувам.Но ќе кажам дека воопшто не се чувствуваше добро и беше многу загрижен за собствената иднина.

Но во последните месеци од неговиот престој таму, бев информиран и вчудоневиден дека Љубе Бошковски одеднаш станал многу расположен, голем оптимист, охрабрен и многу убеден, односно сигурен дека ќе биде ослободен од обвинението.
На сите таму почнал гласно да им раскажува дека сигурно ќе биде ослободен и дека ќе се врати во Македонија и ќе биде претседател на Република Македонија.

Во тој период го посетив, и пред мене и понатаму глумеше жртва загрижена за неговата иднина. Немаше ни траг од Љубе-претседателот.

Дури и намерно го предизвикав на некој начин во смисла дека се надевам дека ќе биде наскоро ослободен, па потоа кога ќе се врати дали сака да се вклучи во политиката, но тој пред мене не покажуваше никаква политичка амбиција.
Сепак, одкако заминав, тој се враќаше во својата реалност во средината во која престојуваше и продолжуваше да им раскажува на сите дека ќе биде ослободен и ќе станал претседател на Македонија.

Информациите говореа дека е премногу сигурен во тоа, што некој од затворениците таму веќе почнале да му се обраќаат со “претседателе”.

Проценките беа дека Љубе Бошковски со некој има некаков договор, претпоставувавме со кој. Дека се ставил во нечија служба и се испазарил.

Одлучив да се правам дека незнам ништо и нормално да се однесувам како претходно.
На крајот, последната недела пред објавување на пресудата, ме информираа дека Љубе почнал своите лични работи да ги раздава на другите притворени, кажувајќи им дека знае дека ќе биде ослободен и дека тие работи нема намера да ги враќа со него во Скопје.

Во неделата додека “братот” делеше поклони во притворот прашав добро информирани луѓе, дали некој некогаш таму така се однесувал и дали теоретски е можно да се знае пресудата однапред, или барем неколку недели.Ми беше одговорено дека немало таков случај на однесување, а дека теоретски нема никакви шанси од тој суд да излезе информација за пресудата ни минута пред да биде соопштена.

Беше јасно: Љубе има дил, валкан дил. Ќе биде ослободен и ќе има своја задача, своја мисија.

Па така “македонскиот херој” беше ослободен од обвинението. Авионот на владата беше спремен да го донесе како херој и истиот веднаш полета за Хаг.
Точно знаев што ќе се случува, но ќе ми веруваше ли во тој момент македонската јавност ако и кажев дека нејзиниот херој е всушност предавник? Бев сигурен дека немаше да ми верува. Само ќе му дадев повод на Љубе официјално да го започне конфликтот со мене и при тоа, тоа да биде по моја вина.

Затоа одлучив да молчам. Да дозволам настаните да се случуваат според предвидениот терк.

Во тој период, по изборите 2008 година бевме со огромна подршка меѓу народот. Само што победивме со највисока разлика во историјата на Македонија од над 280 илјади гласови разлика меѓу нас и СДСМ.Секако со ореолот на херој и маченик, тој можеше да ни наштети, но, немаше шанси да направи некаков пресврт бидејќи владата под мое раководство работеше и испорачување ветени резултати како супер машина.На Љубе само не требаше по никоја цена да му се даде повод, требаше да биде оставен да го реализира тоа што го договорил без повод.

Го пречекав на аеродромот во Скопје и заедно во колата не пренесоа во мојата канцеларија во владата. Љубе не покажуваше никаков сигнал што подготвува. Ниту пак јас дека сѐ знам.

Тоа беа последни денови кога како нов мандатар по предвремените избори трбаше да го испратам предлогот со министри во парламентот на гласање.

На личниот со него разговор во владата, знаејќи го однапред неговиот одговор, заради неговиот план и договор, помеѓу останатото го прашав дали сака некоја политичка функција,веднаш или понатаму, на пример министер или било што друго. Да не беше превземал обврска веднаш позитивно ќе изреагираше на таква понуда, која пак, ако не знаев дека превзел обврски немаше ни да му ја понудам, особено не министер.Едноставно на “херојот” само му правев предизвици, за со одговорите само да ми ги потврди сознанијата за неговите идни планови и обврски.

Љубе многу се заблагодари на понудата, кажа дека јас многу сум сторил за него во животот што нема да може никогаш да ми се оддолжи и кажа дека не сака никаква функција, ни сега ни понатаму, но дека единствено бара од мене две работи. Додека се снајде да добива месечна помош од партијата и да му се овозможи да ги посети сите општински комитети на партија за како што рече “да се изгушкал” со членовите и активистите.

Не бев изненаден од одговорот. Тој требаше да подготви партија, а таргет му беа членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа всушност и беше задачата.

Плус, и некој да му го финасира тоа, дури и ако веќе му е ветено тоа од друго место. Повеќе пари, никогаш нема да се вишок.

Го прашав колку пари сака, и колку што побара, толку му беше прифатено. Беше нешто во висина на министерска плата.

Секако и желбата за организирани посети на комитеите. И се разбира: “што и да ти треба, јави се во секое време”.

Така Љубе брзо се фрли на работа. Обврски си се обврски.

Набрзо од комитетите почнаа да ми се јавуваат луѓе прилично збунети: “Претседателе, овој Љубе беше тука, некој чудни муабети ни збори, дали сте информиран?”

Им одговарав дека не сум изненаден и им велев да не се вознемируваат. Така треба. Луѓето остануваа уште по збунети.

Повремено му се јавував на Љубе да го прашам како е, како се чувствува на “турнејата”. Беше многу среќен и задоволен, но и благодарен за финасиската подршка и за можноста да му се направат такви дочеци.По некое време тој веќе тајно почна да органзира партија. Приврзаници, простории, документи, раководство.

Пак му се јавив. “Како си Љубе? Дали си задовилен, дали нешто можам да ти помогнам повеќе од тоа до сега?” ќе го прашав.

Одговорот најчесто беше “многу сум задоволен брату, не знам само како да ти се одолжам”.

-“Да не треба нешто плус да се помогне?”знаев да го прашам. “Не, се е во ред, презадоволен сум и многу ми е мило што владата многу јако работи, од терен гледам дека народот е многу задоволен. Фала ти брат!!!” ќе завршеше “братот”.

Ова траеше отприлика 6-7 месеци. Дел од членовите на раководството кои беа со тек на настаните почнаа да ми реагираат: “зошто се уште финансиски го поддржуваме овој лицемер и предавник? Со сите сили ни работи зад грб, сака неговата висока популарност стекната од сочувството на народот што беше однесен во Хаг, да ја употреби во наше слабеење и рушење”.

Им објаснував дека токму затоа и го финасираме. Да не му дадеме ни најмал повод, од типот “партијата ме остави на цедило и без финансии после толку време во притвор”, ниту пак ниту еден било каков друг повод да ја напушти партијата и нешто да не обвини, за кога ќе го направи тој чин, да нема што да каже и да нема поддржувачи кои ќе го сожалуваат и ќе му веруваат.

По некое време веќе се беше спремно. Штабот наместен, раководството договорено, локалните преставници, статутот на новата партија “Обединети за Македонија”. Претставата можеше да почне.

Но Љубе почека уште една недела за да земе уште една рата помош од партијата. Да не ја пропушти.

Еден соработник дојде и ме праша: “дали да му ги дадеме парите? Прашање на ден е кога ќе објави формирање нова партија и жестоко ќе не напаѓа?”
Му одговорив: “да му ги дадеме”.Љубе ги зема парите и веќе утредента ме побара на телефон, повик кој го очекував.

Кратко ме извести дека одлучил да формира негова партија, без некакво сериозно образложение. Немаше ни збор од некакво тоталитарно владеење.

Немаше што друго да каже, бидејќи нели до пред некоја недела беше презадоволен од сѐ, како од партијата, така и од тоа како напредува државата.
Мислам дека да седеше пред мене, ќе седеше со наведната глава и ќе беше црвен од срам. Ако воопшто го има…

Му одговорив: “нека ти е со среќа Љубе”.

Од тој ден Љубе не само што стана наш противник и конкурент, туку тоа го правеше со најголеми лични навреди кон мене, со најпогодни зборови, со лаги и невистини, како и кон други од партијата.

Даде сѐ од себе да ги поткопа позициите на ВМРО-ДПМНЕ, но не успеа.
Ние ништо особено не загубивме со неговото заминување. Поголем дел од луѓето што ги понесе со себе беа од негов калибар, помал дел беа залутани и заведени и тие брзо потоа се вратија во ВМРО-ДПМНЕ извинувајќи се за грешките и што му положиле доверба на таков човек. Кажуваа како на по десет луѓе им ветувал исти министерски место кога ќе победел и други работи кои не вредат да се губи време да се кажуваат.По некое време излезе онаа снимка од Хаг каде Љубе го мести Јохан и веќе на сите им стана јасно со каков човек си имаат работа.

Кога излезе и снимката како зема пари од грците за да го смени името, мислев дека ќе се повлече од политиката.

Но, не само што не се повлече, туку гледам дека сеуште се преплетува на политичката сцена и без срам дава изјави дека ВМРО-ДПМНЕ го напуштил заради мене, ама одкако Мицкоски го информирал дека со мене нема ништо, одлучил да се врати во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи ја напуштил партијата, но не и идеологиата.
Што да му кажам повторно на “братот” кој после скоро седум години коалиција со Заев и СДСМ, и седум години одкако јас не сум водач на партијата, баш сега добил идеолошка инспирација, освен: “нека ти е со среќа Љубе!”

Фејсбук статус на Никола Груевски.