ГРКОВСКА НА СРЕДБА СО ИНСПЕКЦИСКИТЕ СЛУЖБИ : СО УНАПРЕДУВАЊЕ НА РАБОТАТА НА ИНСПЕКТОРИТЕ ОБЕЗБЕДУВАМЕ ЕФИКАСНИ И КВАЛИТЕТНИ УСЛУГИ ЗА ГРАЃАНИТЕ

0
438
Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска одржа работна средба со в.д. претседателката на Инспекцискиот совет на Република Северна Македонија, Даниела Рендевска, членови на Советот, како и со директорките на Државниот инспекторат за труд, на Пазарната инспекција и на Управниот инспекторат.

На средбата се разговараше за процесот на унапредување на работата на инспекциските служби, како и за потребите и предизвиците со кои се соочуваат службите, со акцент на алатката Е-Инспектор.

Вицепремиерката Грковска се информираше за работата на инспекторите преку дигиталната алатка, при што беше потенцирано дека софтверското решение за електронска распределба на надзорите и контролите го олеснува процесот и дава можност за поврзување преку платформата за интероперабилност.

Во тој контекст Инспекторатите, тргнувајќи од спецификата на својата дејност, дадоа и предлози за подобрување на алатката, се со цел да се зголеми квалитетот на работата на инспекторите и да се овозможува елиминирање на човечкиот фактор и субјективниот пристап при инспекциските надзори и контроли.

Претседателката Рендевска информираше за следните чекори кои ги презема Инспекцискиот совет, а кои треба да обезбедат унапредување на алатката и целосно вклучување на сите 13 инспекторати.

Денешниот состанок е дел од редовните месечни состаноци меѓу вицепремиерката Грковска и членовите на Инспекцискиот совет, со цел да се обезбеди подобра координација и функционирање на сите инспекциски служби.

 
Со почит,