(ВИДЕО)Заев: Аболиција не прифаќам, испраќам порака за мирни и ненасилни протести!

0
1451

Одговори на новинарски прашања на лидерот на СДСМ Зоран Заев по денешното потпишување на Платформата за демократска Македонија од страна на ДОМ и СДСМ.

Господине Заев, претседателот Иванов рече дека неговата одлука ќе нуди помирување, меѓутоа се гледа какво помирување нуди. Од друга страна пак, претседателот на Собранието кажа дека нема законски услови за закажување седница на којашто ќе може да се расправа за иницијатива за импичмент…

– Знаете како, се влегува од глупост во глупост, оваа одлука на Ѓорге Иванов е голем срам за Македонија. Јас се срамам од оваа одлука, јас сум еден од луѓето кои се на таа листа согласно оваа срамна одлука којашто е донесена. Покрај тоа што е срамна таа е и незаконска одлука. Со укинување на одредбите на Уставниот суд, не се оживеаја старите одредби од 93-та година, буквално не знам на кои членови се повикува господинот Иванов и како може да си дозволи човек кој ја извршува функцијата претседател на државата, директно кршење на законот и Уставот во Република Македонија. Во тоа име, ние можеме сето тоа да го спречиме. Јас јавно ја отфрлив аболицијата, не ја посакував, ниту ја прифаќам. Формално кога ќе стигне актот го враќам назад и одам на судење и ќе се појавувам интензивно на судските рочишта. Но, ги повикувам и сите други, кои се наоѓаат таму на листата, да го направат истото тоа, бидејќи тоа е еден од чекорите да спречиме ваквата срамна одлука. Сакајќи какви и да презентира намери Иванов, наводно за обединување, еве видовме што ни се случива по улиците, протести и контрапротести, оваа одлука го судри нашиот народ. И ова не смее да се случи. Токму од тој аспект ќе потврдам уште еднаш, одлуката треба да се повлече, да се поништи и сите да направиме `се што можеме да ја спречиме во нејзиното реализирање. Ги повикувам сите инстанци, Уставен суд и сите коишто се надлежни за оваа работа, да ги преземат чекорите на поништување на ваквата одлука. И уште еднаш ќе повторам, иако Трајко Вељаноски се обидува да објасни дека Парламентот е распуштен и дека повеќе не може да се свика, тој својот мандат го црпи од мандатот пратеник исто како сите останати 122-ца пратеници. Во законот стои дека мандатот на пратениците е се до верификација на мандатите на наредниот парламентарен состав на избори, така да Парламентот може да биде свикан во секаков момент. Што теоретски ќе се случи доколку ДИК, пример, сите 9 члена дадат оставка, што значи тоа? Парламентот мора да се свика и да избере Државна изборна комисија, тоа е само како пример за можноста којашто законодавецот ја дал во делот на употребата на врвниот институт на демократијата, а тоа е Парламентот и можностите за негово свикување. Апелирам да се свика Парламентот, да се разговара за предлогот за импичмент на Ѓорге Иванов и да се разговара заедно таму во Парламентот за одлука за укинување на одлуката за распуштање на Парламентот, од причина што гледаме што се случува во ДИК, целиот свет ни кажува, минимум условите мора да бидат исполнети, а знаат сите вклучително и власта дека тоа така не е направено. Насилието и во политичкото натпреварување нема да донесе добра иднина за Македонија, само ќе може да ја мачи Македонија со целото ова измачување што го гледаме. Апелирам на трезвеност, аплирам на соодветно постапување во интерес на граѓаните и на Република Македонија.

Дали можат да се очекуваат протести како на 17-ти мај?

– Јас знам ако не се нормализираат условите во правно-формалниот аспект на носење одлуки во државата едно е сигурно, а тоа е дека ќе има протести. Граѓаните не може никој да ги спречи. Ги гледате нашите реакции, ние повикавме на протест, но ни треба време да го организираме, формата, начинот, локациите, но еве во меѓувреме се истурија луѓето по улиците, истрчаа и готово, не можете да им го смирите духот. Јас се појавив претходната вечер, се со цел да ги одвратам од штабот на ВМРО-ДПМНЕ, не е таму местото за протест, по улиците, пред Влада е, пред Парламент. Гневот, лутината кај граѓаните е преголема. Сите сме обврзани да водиме грижа за оваа работа.

Каков сигнал според вас испрати одлуката на Ѓорге Иванов?

– Да аболирате, или аболицирате 56 луѓе тоа го нема никаде во светот. Испрати порака на срам. Јас сум претседател на најголемата опозициска партија, се срамам од оваа одлука, се срамам што оваа одлука мојата Македонија му ја испрати на целот демократски свет. Ова е недозволиво и се надевам дека урнисаната чест на нашата Македонија ќе биде брзо вратена со поништувањето на ваквата одлука.

Ќе има ли избори во Македонија на 5 јуни?

– На 5 јуни, сигурно дека ќе нема избори. Тоа е повеќе од јасно и тоа не е поради тоа што опозицијата така кажува, опозицијата ги бараше изборите, ние на зелена маса се изборивме да има предвремени избори, но се изборивме тие да бидат регуларни, фер и демократски, уште едни криминални избори, ниту на Македонија и требаат, ниту ќе биде некое решение за излез од оваа политичка криза. Првиот чекор, како што кажа и г-ѓа Поповска, е регуларни избори, за да добиеме надеж и шанса понатаму во враќање на демократските институции, нормализација на државата, решавање на крупните проблеми и пополека Македонија да го фати патот кон НАТО и ЕУ.

Мислите дека власта нема да се осмели сама да оди на избори?

– Јас сум убеден во тоа.

Мислите дека нема да се распишат изборите во петок?

– Не значи ништо утрешното распишување или нераспишување на изборите. Јас се надевам дека нема да ги распишат, затоа што ќе влезат уште подлабоко во кашата којашто ја заматија. Парламеното може да се свика се до 4 јуни, нема ограничување ако се распишани изборите или не, затоа што законодавецот предвидел – Парламентот и пратениците имаат мандат се до верификација на мандатот на новоизбраните пратеници, така да нема дилема во тој дел. Се надевам нема да се рапишат изборите.

Какви протести очекувате вечер?

– Јас очекувам мирни и ненасилни протести. Разговаравме сабајле на координација го очекувам и министерот Спасовски во тој дух да испрати сериозни пораки, полицијата мора да биде професионална, и полицијата мора да води грижа за прекумерната употреба на сила. Не кажувам дека има или нема, но мора да води грижа, истовремено како и тој и јас испраќам порака на ненасилие, на мирни протести, ништо не правиме ако користиме насилство, ако го уништуваме имотот на Република Македонија, тоа е наш заеднички живот, тоа е наше добро кое ние мора да го чуваме, а не да го уништуваме.

Имаме информација од кабинетот на Вељаноски, дека тие остануваат на ставот утре да ги распишат изборите и изборите да останат за 5 јуни?

– Јас само ќе кажам – зошто Трајко Вељаноски одлучи да ја одложи одлуката, распишување на изборите?! Заради ДИК. И да им даде дополнително време. Знам дека денеска ќе има јавна седница и ве повикувам да ги вперите очите во ДИК. ДИК е круцијалниот момент каде што се кршат копјата на објективните аргументи и факти, таму имаат Извештај за теренската проверка, ги имаат извештаите од административната проверка и институциите, методологијата е многу јасна, после административните проверки мора да се оди на терен за да се утврди луѓето дали се отселиле или не и дали вистински постојат на овие адреси или не. И на крајот алатката за бришење мора по закон да се даде и го отворам уште еднаш прашањето за легалноста на изборите, не за легитимитетот, нема да ги има сигурно, како ќе се оди на избори кога изборните единици се поразлични од 5% една меѓу дурга, кршење на Изборен законик е тоа. Како ќе се оди на избори кога законодавецот предвидел јавно објавување на списокот, при јавниот увид да биде целосен списокот, а сега е забрането од Агенцијата за заштита на личните податоци. Како без алатка на бришење… Ајде сериозно да ги поставиме чекорите коишто се согласно закон и методологија и тоа целото треба да се заврши. И уште еднаш апелирам на најважниот момент, давајќи го актот за аболиција, Ѓорге Иванов кој ја извршува фунцкијата претседател на државата, со својата прес конференција некаде околу 16 часот, и постапката којашто беше комплетирана за некои 2-3 часа, покажува здружување на власта со Ѓорги Иванов околу договорањето на оваа срамна одлука во Македонија. Иста вечер, истиот ден, во Службен весник е објавено, допрено е, до сите судови доставено, до затвори и до куќи кадешто има луѓе во домашен притвор, за да целата оваа одлука оркестрирано со сите државни институции биде спроведена. Сето тоа во најмала рака остава сериозен сомнеж за оркестрирано и организирано делување и на ВМРО ДПМНЕ, како дел од извршната власт, со Ѓорге Иванов. Оттука, ако тоа не е така го повикувам и Груевски и сите од власта да го демантираат. Нека ја оправдаат аболицијата, нека се придружат на импичментот и нека докажат дека тоа не е нивно дело заедно со Ѓоге Иванов.

Во однос на ДИК, вложувате многу надеж во ДИК, а факт е дека ВМРО ДПМНЕ имаат мнозинство во ДИК, според тоа како се носат одлуките?

– Јас, СДСМ и опозцијата вложуваме надеж во објективните аргументи. Ако се случи политичко насилие врз објективните аргументи се е јасно, така да кога прв делегирав надеж за независна институција ДИК, покрај СЈО, го знаев фактот чии претставници има таму, од кои политички партии, покрај од СДСМ, но ако ние не делегираме надлежност знаејќи ги сите аргументации, односно независност на самите институции, кој ќе им делегира независност на самите институции. За среќа наша и на Македонија, таму се работи со бројки, со емпириски факти и објективни аргументи, на повидок на јавноста, преку јавните седници ќе се видат сите овие факти. Ако се обиде некој со политичко насилие да ги надгласа тие објективни аргументи и факти коишто се, согласно закон и методологија, апсолутно се ќе биде јасно дека насилието продолжува од власта и секако ние тоа нема да го дозволиме. 11960011_1711134275825691_2665906811817024181_n