ГИР : ЕВРОПСКОТО ЗНАМЕНЦЕ ТРЕБА ДА СЕ КОРИСТИ ЗА ЗАБРЗУВАЊЕ НА РЕФОРМИТЕ, А НЕ ЗА ИЗБЕГНУВАЊЕ НА ДИСКУСИИТЕ ЗА ВАЖНИ ЗАКОНИ

0
406

Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска посочи дека користењето на европското знаменце треба да ги придружува само специфичните законски решенија што се поднесуваат на дебата и усвојување во Собранието и кои исклучиво се поврзани со усогласувањето на домашното со европското законодавство.Повод за ваквото укажување на Гир беше прашањето што на евроамбасадорот денеска му беше упатено од новинарите во Кочани, поточно барање за коментар во врска со имените на Законот за игри на среќа и забавни игри предложени од Владата, а кои според Асоцијацијата на спортски обложувалници наводно ќе се носат со европско знаменце во Собранието.

Од Асоцијацијата вчера соопштија дека ќе ја известат Европската Унија за, како што кажаа носењето на неевропски закон со европско знаменце.

„Ние во неколку наврати како Европска Унија имаме потенцирано дека скратената процедура во Собранието треба да се употреби само кога станува збор за специфични закони кои што се поврзани со европското законодавство или би можел уште поспецифично да кажам дека европското знаменце треба да се употреби само кога се во прашање закони кои се поврзани со европските норми и стандарди. Исто така, од друга страна причината поради која е дозволена употребата на европското знаменце е за забрзување на реформите што се потребни за реализирање на европското законодавство. Меѓутоа во никој случај не смее европското знаменце да се употреби за да се намали дискусијата кога се во прашање важни закони“,

изјави Гир, кој денеска беше во посета на Кочани.
Ова не е прв пат претставници на ЕУ да укажат во кои случаи треба предлог-законите што доаѓаат во Собранието да бидат означени со европско знаменце и на неговатата (зло)употреба.

Ваквите забелешки често беа нотирани и во извештаите на Европска Унија за напрадокот на земјава.Чести обвинувања на ова тема има и меѓу партиите и нивните пратеничките групи во Собранието. Вообичаено тие доаѓаат од редовите на опозициските партии. Сепак, праксата покажа дека кога ќе се случи промена на власта, односно кога пратениците на довчерашните опозициски партии ќе седнат во фотелјите во пленарната сала резервирани за владејачкото мнозинство забораваат на претходните обвинувања за злоупотреба на европското знаменце. Истото се однесува и за другата страна, која додека била власт го корстила европското знаменце за набрзина да протурка одредени законски решенија, а кога ќе се најде во опозиција гласно ја критикува оваа пракса.

Во врска со поводот за прашањето до Гир, Владата на седница неделава усвои предлог-измени на Законот за игри на среќа и забавни игри со кои се предвидува просториите во кои се приредуваат игрите на среќа да бидат оддалечени од училиштата не помалку од 500 метри.На предлог-измените веднаш реагираа од Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) и од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) од каде велат дека измените се погрешни и оти ќе доведат до штетни последици, не само по вработените во овие објекти туку и по државниот буџет, кој, како што велат, со ваквата одлука годишно би се намалил за 280 милиони евра.