ГЕРАСИМОВСКИ : ГИ ПОВИКУВАМ ПЕНЗИОНЕРИТЕ ДА АПЛИЦИРААТ ЗА ПРОЕКТОТ ,,НЕГА НА СТАРИ ЛИЦА ВО ДОМАШНИ УСЛОВИ“

0
426

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посети дел од корисниците на проектот „Нега на стари лица во домашни услови“ со цел да чуе дали се задоволни и во која насока истиот треба да се продлабочи и унапреди. Преку проектот пензионерите во Центар користат нега во домашни услови од физиотерапевти, негуватели и социјални работници два пати во неделата по 3 часа.

„Општината преку вакви проекти им помага на највозрасните жители не само за помош низ домот или купување на продукти, посета на матични лекари и набавување на лекови туку и за социјализација и се друго што треба за да се помогне. Затоа сакав лично да посетиме дел од корисниците, со нив да поразговараме и слушнеме дали се задоволни и во која насока би требало истиот да го унапредиме и уште повеќе им помогнеме на граѓаните на кои им треба ваква помош“, рече Герасимовски.

Највозрасните сограѓани секојдневно се соочуваат со бројни предизвици како неможност да ги извршат секојдневните активности во домот поради возраст, неподвижност или болест. Затоа Општина Центар преку овој проект обезбедува асистенција за основните потреби на пензионерите и физиотерапевт за оние кои не можат да си го дозволат со лични средства.

Општина Центар е единствена општина која обезбедува помош во домовите на своите сограѓани. Проектот „Нега за стари лица во домашни услови“ опфаќа 90 корисници и сите кои имаат потреба од проектот можат да аплицираат до секој 15ти во месецот. Затоа ги повикувам заинтересираните граѓани да аплицираат за проектот и да ги искористат бенефициите. Мерката ги опфаќа лицата со полни 62 години без приходи или со примања до 35 000 денари.