ВЛАСТА БАРА ПРАКТИЧНА ПОДДРШКА ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ, СПОРЕД ОПОЗИЦИЈАТА ВЛАДАТА НЕМА МНОЗИНСТВО ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ

0
390

До ноември има простор да се донесат уставните измени неопходни за продолжување на преговорите со Европската Унија. Нема простор за декларативна поддршка за ЕУ, туку секој треба да преземе одговорност за остварување на стратешката цел, сметаат од власта. Опозицијата, пак, со став дека власта нема мнозинство за уставни измени за кои, велат, овој Парламент нема мандат, а се сомнева и оти ќе се задржи мнозинството за поддршка на оваа Влада. Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека има доволно време за спроведување на уставните измени, процес за кој, според законската рамка потребни се околу шест месеци и кој е услов за отворање на кластерите со ЕУ, по билатералниот скрининг што треба да заврши во ноември.

-Јас не сметам дека шест месеци е кус период, до ноември има 10 месеци, и воопшто не сметам дека е тоа кус период за 10 месеци може да се направат многу позитивни работи. Секако секој треба да биде одговорен да биде на ниво на задачата и на обврската кон граѓаните и кон државата. Јас не сум човек кој дошол на позиција за да некого убедува или разубедува, туку за да спроведува стратегијата и целите кои што државата ги поставила пред 31 година. Јас како политичар и како човек и мојата политичка партија се водиме од стратегиите и целите на државата за полноправно членство во ЕУ, исто така како што се водевме од целта Северна Македонија да стане членка на НАТО и станавме, рече премиерот вчера по настанот, во Дирекцијата на ТИРЗ.

Ковачевски нагласи дека истите политички сили неодамна не го поддржале членството во НАТО, како што сега не го поддржуваат членство во ЕУ, но изрази уверување дека во земјава постојат доволно политички сили, кои се европски ориентирани и кои сакаат да им овозможат на граѓаните, а особено на младите европската просперитетна и побогата иднина во нивната родна држава. Тој посочи дека процесот на уставни измени има рамка пропишана со закон и со Уставот на државата и е процес кој бара експертска и политичка вклученост, заради што се водат разговори на политичко ниво, за постигнување поширок општествен и политички консензус. -Во таа насока беше и лидерската средба која што ја бев свикал кон крајот на минатата година со цел да може да ги видиме позициите на сите политички партии. Овие уставни измени и се потребни на државата за да може да го продолжи својот европски пат до полноправно зачленување во ЕУ. Така што не постои простор за декларативна поддршка на ЕУ, како што некој мисли дека треба да ја има, туку сега треба да имаме и навистина политичка поддршка на пристапувањето во ЕУ, бидејќи кочење на таков процес значи дека прв пат државата сама себеси ќе се кочи, посочи Ковачевски.