ВЛАДА : ЕВРОПСКИ МОЖНОСТИ ПРЕКУ МОДЕРНИЗАЦИЈА НА СОЦИЈАЛНИ, ОБРАЗОВНИ И ЗДРАВСТВЕНИ ПОЛИТИКИ

0
216
Во рамки на годишната конференција „Година на европски можности“, на третиот панел – „Европски можности преку модернизација на социјални, образовни и здравствени политики“ во организација на Владата на Република Северна Македонија се обратија министерот за здравство, Фатмир Меџити, министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, амбасадорката на Швајцарската амбасада во Република Северна Македонија, Вероник Хулман, претставничката на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија, Патриција ДиЏовани, вишата специјалистка за образование во Светска Банка, Бојана Нацева и директорот на Унверзитетска Клиника за психијатрија, Доц. д-р Стојан Бајрактаров. Фокусот на панелот беше на инвестициите и модернизацијата на политиките и мерките во делот на здравство, образование и социјалните политики.

„Изминатата година направивме суштински темелни промени во здравството. За првпат го набавивме лекот Трикафта, воведовме шест нови лекови за пациентите со ретки болести. Една работа на која сум особено горд е тоа што обезбедивме 650 сензори за безболно мерење на шеќер во крвта. Направивме двојно зголемување на буџетот за набавка на опрема од 2,6 на 5 милиони евра, со што набавена е медицинска опрема во повеќе од 15 здравствени установи. Ги подобривме условите во 13 јавно-здравствени установи“, рече министерот Меџити.
Тој истакна дека започната е и реформа во примарната здравствена заштита и дека со тоа пациентите не ќе мора да одат кај специјалисти за основните потреби додека со ова матичните лекари ќе се чувствуваат повеќе ценети.

„По 13 години ја ревидираме позитивната листа на лекови и десет нови лекови ќе се најдат на оваа листа. Горди сме што успеавме со поддршка на УНИЦЕФ и УСАИД, како и универзитетските клиники за психијатрија и гинекологија првпат од ваков обем да обезбедиме научни податоци, за менталното здравје кај адолесцентите и нивните семејства, како и жени во перинатален период. Министерството за здравство веќе има Стратегија за ментално здравје 2018 – 2025. Прв приоритет на Националната здравствена стратегија е менталното здравје на деца и адолесценти, односно развојот на мрежа на институции во државата со помош на Европската Унија. Се очекуваат конкретни проектни планови во текот на оваа година“, посочи министерот Меџити.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири рече дека Владата и МОН обезбедуваат континуитет на започнатите промени во образованието и дека оваа година, развојот на воспитно образовниот систем уште повеќе се интензивира, за што обезбеден е рекорден буџет во износ од 32 милијарди денари.

„Се посветуваме подеднакво на сите аспекти на образованието и верувам во успех затоа што политиките ги градиме врз база на анализи и факти, со поддршка од пошироката јавност, но и од меѓународната заедница“, рече Шаќири.

Тој потсети дека нови наставни програми и учебници има од прво до шесто одделение и дека етапната замена продолжува. Во средното образование пак, фокусот останува на унапредувањето и проширувањето на концептот на дуално образование, кој ги направи средните стручни училишта интересни за младите.

„Во период од една година реконструиравме 80-тина училишни објекти, а изградивме и четири нови. Годинава со реконструктивни активности ќе опфатиме 90-тина училишни објекти, ќе започне изградбата на пет нови и ќе се прошират просторните капацитети во постоечки 15. Овој месец започнува и етапната реконструкција на девет државни студентски домови“, рече министерот Шаќири.

Министерката Тренчевска зборуваше за посветеноста на Министерството за труд и социјална политика во делот на детската заштита и информираше дека од 2017 година до денес се изградени 81 јавна установа со капацитет за 8.000 деца. Таа истакна дека заложбите продолжуваат и во наредниот период.

„Одвоивме четири милиони евра за пет нови градинки во  општините Бутел, Кисела Вода, Ѓорче Петров, Аеродром, и Карпош. Исто така во текот на 2024 година ќе се обезбедат нови 1.653 места за деца со отворање на 14 нови градинки, дизајнирани да бидат инклузивни и добредојдени за сите деца. Кога зборуваме за децата морам да истакнам дека во изминатиот период овозможивме усогласување на правата од детска и социјална заштита и за една година овозможивме покачување од над 25%“, рече министерката Тренчевска.

Министерката истакна дека министерството секоја година со поголем буџет ги поддржува младите па така за оваа година за Оперативен план се издвоени два милиони евра повеќе од минатата година. Таа истакна дека се зголемуваат и средствата за мерката за самовработување и дека истата оваа година ќе изнесува 6.000 евра. Таа го спомена и младинскиот додаток со кој се исплаќаат по 3.000 денари на млади до 23 години. Во оваа мерка од 2020 до 2023 година како што истакна министерката имаат вклучено 13.000 млади.

„Менталното здравје е актуелно особено по КОВИД кризата. Како министерство се залагаме за менталното здравје, па така ја усвоивме Стратегијата за ментално здравје на Влада и моментално сме насочени кон нејзина имплементација. Воедно како министерство спроведовме и кампања Walk and Talk каде вклучивме над 500 средношколци“, рече Тренчевска.

„Двојното стручно образование им овозможува на студентите да се стекнат со вештини потребни за економијата и да се вработат, а тоа е можно благодарение на силната соработка со приватниот сектор. Меѓутоа, за понатамошно вградување во националниот систем, клучно е Законот за стручно образование и обука и Законот за средно образование да бидат усвоени од Собранието. Предвидувањето на идните вештини, вклучително и вештините за развој, е од клучно значење за економијата да остане конкурентна и да се интегрира на европскиот пазар“, рече амбасадорката на Швајцарската амбасада во Република Северна Македонија, Вероник Хулман

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани истакна дека резултатите на УНИЦЕФ во државата не се само на организацијата туку се заеднички и цврсти чекори со институциите и сите релевантни чинители. Таа се осврна на соработката со министерството за здравство и министерството за труд и социјална политика во делот на менталното здравје. Истакна дека организацијата има изработено Национален акциски план за ментално здравје кај адолесцентите и дека истиот значително треба да помогне при одговорот на овој предизвик.

„Како Светска Банка сакаме да разбереме кои се предизвиците на земјата, и досега утврдивме дека најважното е благосостојбата на граѓаните. Државата моментално е пред двоен предизвик, стареењето и миграцијата. Овие се процеси кои тежнеат и даваат можност на Владата да размисли за механизми и мерки кои ќе ја подобрат целосната слика“, рече Нацева.

Таа истакна дека Светска Банка не ја дава поддршката само со средства туку ја дава и поддршката преку аналитичките капацитети кои придонесуваат политиките да се базираат на факти и анализи, а не само на лични мислења.

Последен панелист на третиот панел беше Доц. д-р Стојан Бајрактаров кој зборуваше за менталното здравје како поле каде може да се забележи успешна соработка меѓу министерството за здравство, министерството за образование и наука и министерството за труд и социјална политика. Бајрактаров зборуваше и за подготовката на новата стратегија за ментално здравје и на важноста на истата за младите.