ВЛАДАТА ГО УТВРДИ ЧЕТВРТИОТ МОДЕЛ ЗА КОНФИСКАЦИЈА НА ИМОТ

0
249

Владата на вчерашната седница го утврди текстот на Предлогот на закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, со кој се очекува да се надминат правните празнини кои претставуваат предизвик за демократијата и владеењето на правото.

„Предложените законски решенија се во согласност со документи подготвени од странски и домашни експерти, преку проект на Советот на Европа, а во коишто се оценува дека секое спречување на ланецот на користење имот и имотна корист од кривично дело, за кое има или нема правосилна судска одлука, значи поголем успех на државата да го заштити доброто на заедницата и на поединецот од организираниот криминал и корупција и нечесно стекнување на имот“, се вели во соопштението од владината прес- служба.

Станува збор за конфискација на имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори, а не е опфатен со конфискација во кривичната постапка (обична, проширена и посебна постапка) или со оданочувањето на имот во даночна управна постапка. Оттука, со предложеното решение се воведува алката што недостига – четвртиот модел за конфискација на имот.

Неуспешни конфискации

Како што објаснува предлагачот, сегашната примена на мерката конфискација во кривичната и прекршочната постапка не ја опфаќа целосно in rem конфискацијата и необјаснетото богатење, па има еклатантни примери во судската пракса кои завршуваат со неуспешни конфискации на имот. Судски кривични правосилни пресуди со докажани кривични дела завршувале со кривични осуди, но без одземање на нечесно стекнат имот, а и во малкуте успешно изречени конфискации со пресудите тие не се извршуваат, или се манипулира со имотот кој не бил стекнат од законски извори, како да е стекнат на законит начин. Паралелно, одредбите од управната даночна постапка се однесуваат на даночење на приходи кои не биле пријавени, но сепак се стекнати на законит начин.

„На овој начин, во државата сѐ уште нема соодветен и сеопфатен одговор и ефективен механизам да се одземе било кој имот или имотна корист кои биле стекнати на нечесен начин, односно не биле стекнати од законски извори“, наведува предлагачот, објаснувајќи ја потребата од донесување на ново законско решение.

Целта на предложената регулативата не е таа да биде замена за кривичната конфискација, туку ќе биде дополнителна постапка само во случаите строго определени со предложениот закон, преку исполнување на условите и меѓународните стандарди.

„Праксата на ЕСЧП го дозволува ограничувањето на правата на сопственост, доколку се исполнети условите и стандардите за конфискација без осудителна пресуда. Во примерите на голем број земји, значајно е лицето да има можност и право да ги докаже изворите за стекнување на имотот во постапката, односно товарот на докажување е на страна на тужениот. Од значење е за имотот за кој постои разумно сомневање, да биде определена мерка за обезбедување со цел оневозможување на располагање на тужениот со имотот заради осуетување, се до правосилно завршување на постапката во која ќе се докаже дека имотот бил/не бил стекнат од законски извори. Тужениот за време на мерката на обезбедување на имот може да го користи во граници на овозможување на неговите неопходни животни потреби“, се наведува во Извештајот за проценка на влијанието на регулативата.

Разумно сомневање

Како што е наведено во предлогот на законот објавен на ЕНЕР, со него се уредуваат целите, начелата, прибирањето на податоци и докази за постоење на имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори, мерките за обезбедување и постапката за конфискација на имот во граѓанска постапка, како и опфатот на меѓународната соработка за остварување на целите на овој закон. Постапката опфаќа имот во или надвор од РСМ кој е во сопственост на физички лица државјани на РСМ, на странски државјани со престојувалиште во РСМ, на лица без државјанство со престојувалиште во РСМ или на правни лица регистрирани во или надвор од РСМ.

Кога јавниот обвинител има сомневање за кривично дело, но нема доволно докази за кривично гонење, кога кривичното гонење не довело до осудителна пресуда или постојат објективни околности поради кои не може се преземе кривично гонење, тој цени дали постои разумно сомневање дека имотот не бил стекнат од законски извори. Кога јавниот обвинител ќе оцени дека постои разумно сомневање за тоа дека имотот не е стекнат од законски извори, должен е веднаш да достави известување до Управата за финансиска полиција, заедно со целокупната обезбедена документација за испитување и прибирање на податоци за изворите и начините на кои е стекнат имотот.

Услов за поведување постапка е ако има разумно сомневање дека постои имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори, и ако нето вредноста на целокупниот имот надминува 50.000 евра. Товарот на докажување дека имотот е стекнат од законски извори е на страна на тужениот во постапката. Во предлогот е наведено и дека наследувањето на имот не претставува основ за стекнување на имот на законит начин, ако за имотот на оставителот не може да се докаже дека е стекнат од законски извори. Управувањето со конфискуваниот имот се врши согласно со Законот за управување со конфискуван имот, а ќе може да се продава или да се користи за остварување на социјални цели, врз основа на одлука на Владата.

Економско и социјално влијание

Со донесувањето на предложениот закон има потреба и од донесување на подзаконски акт – Методологија за нето вредност на имот, која ја носи министерот за финансии во рок од три месеци од денот на влегувањето на законот во сила. За спроведување на законот потребни се и финансиски средства за обука на судии, јавни обвинители, државни правобранители, финансиската полиција и други засегнати институции, како и јакнење на кадровски и материјално-технички капацитетите на институциите надлежни за спроведување на законот. Се посочува дека предложениот закон ќе има позитивни економски и фискални влијанија – прилив во Буџетот на РСМ, а се овозможува и социјална димензија, преку можност конфискуваниот имот да се додели за социјални потреби и цели на ранливи категории на граѓани.

Предлагачот наведува дека предложените решенија се базирани на меѓународните стандарди и европското законодавство – директиви на ЕУ, УНКАК конвенцијата во делот на одредбите за поврат на имот, посебните закони за конфискација без осуда во Велика Британија, Ирска, Законот за мафија од Италија, Словенија, Бугарија, Модел законот на UNODC, Анализата на Европската комисија за конфискацијата без осуда, физибилити студија за РСМ подготвена во рамки на проектот на Советот на Европа и праксата на ЕСЧП.

Во работна група за подготовка на овој предлог учествуваа судии од граѓански, кривичен и управен суд, јавни обвинители, државен правобранител, претставници од ДКСК, Министерство за правда, МВР, Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање, Управата за финансиска полиција, Царинската управа, Агенција за управување со одземени имот, претставници од граѓански организации и други институции.

(dw)