Владата ги објави целосните протоколи за работа на обложувалници, молови, авто-школи, за тренинзи, курсеви, семинари…

0
781

Протоколи кои поризлегуваат од Планот за намалување на рестриктивните мерки за спречување на ширење на коронавирусот.

Врз основа на член 58 став (1) од Законот за заштита на населението од заразни болести („Службен весник на Република Македонија” бр.66/04, 139/08, 99/09, 149/14, 150/15 и 37/16), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 12 мај 2020 година, донесе

О Д Л У К А

ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ОДЛУКАТА ЗА МЕРКИ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ НА ВНЕСУВАЊЕ И ШИРЕЊЕ НА КОРОНАВИРУС COVID-19. 

Член 1

Во Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19 („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.62/20, 63/20, 64/20, 66/20, 70/20, 72/20, 92/20, 100/20, 107/20, 109/20 и 119/20), во член 1, став 1, во точката 6 по ставот 1 се додава нов став 2 кој гласи:

„ Од 13 мај 2020 година може да се отпочне со спортски тренинзи на отворено, исклучиво за поединечни спортови и тенис, со задолжително почитување на Протоколот за тренинг на спортисти во поединечни спортови од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство кој е даден во Прилог број 1 и е составен дел на оваа одлука.”

Во Точката 9 по зборот „клубови” запирката се заменува со сврзникот „и”, а зборовите „и спортските обложувалници” се бришат.

По ставот 1 се додава нов став 2 кој гласи:
„ Од 13 мај 2020 година, може да отпочнат со работа спортските обложувалници и другите уплатно – исплатни места на приредувачите на игри на среќа во обложувалниците, со работа и давање на услуги преку штанд/пункт/шалтер, со задолжително почитување на Протоколот за отворање и работа на уплатно – исплатни места на приредувачите на игри на среќа во обложувалници од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство кој е даден во Прилог број 2 и е составен дел на оваа одлука.”

Точката 10 се дополнува со два нови става кои гласат:
„ Од 13 мај 2020 година може да се отпочне со работа и работни активности во центрите за едукација, обуки и семинари за возрасни, организации на седници на органи на управување и конференции и академии за едукативни активности, со задолжително почитување на Протоколот за организација на работни состаноци, обуки, курсеви и семинари кој е даден во Прилог број 3 и Протоколот за одржување на седници на органи на управување и конференции од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство кој е даден во Прилог број 4 и се составен дел на оваа одлука.

Од 13 мај 2020 година може да се организираат и реализираат службени патувања на избрани и именувани лица, во странски држави, со задолжително почитување на препораките и протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство за одржување на потребното растојание и носење на лична заштитна опрема, а заради координација и други работни активности поврзани со мерки за COVID-19 како и поради други итни причини кои не трпат одлагање, без спроведување на овие лица во државен карантин по нивното враќање во Република Северна Македонија. ”

Точката 21 се менува и гласи:

„ Од 13 мај 2020 година може да отпочнат со работа и работни активности моловите на територија на Република Северна Македонија, со задолжително почитување на Протоколот за отворање и работа на молови од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство кој е даден во Прилог број 5 и е составен дел на оваа одлука.

Угостителските објекти и ресторани во моловите од став 1 на оваа точка кои вршат подготовка и продажба на храна, можат да работат без посета на посетители – гости во објектите и да остваруваат продажба на алтернативен начин (онлајн нарачки, телефонски нарачки и сл) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угосителскиот објект или ресторан (преку штанд/пулт).

Точката 24 се менува и гласи:

„ Од 13 мај 2020 година може да отпочнат со работа, одржување на настава и спроведување на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука на возачи со задолжително почитување на Протоколот за работа на школите за обука на возачи од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство кој е даден во Прилог број 6 и е составен дел на оваа одлука. 

Член 2

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија.”