(ВИДЕО) Заев од Маршот во Охрид: Ти си ТАА промена, заедно за Македонија!

0
1106

Почитувани мајки, сопруги, работнички, земјоделки, лекарки, професорки, правнички, невработени и вработени сограѓанки, има ли нешто подобро и поубаво на светот од една жена…? Знам дека ќе речете – НЕМА. Јас велам – Е, ИМА. Подобро и поубаво од една жена се илјадници жени социјалдемократки собрани на едно место. Оваа глетка е најубавата глетка на светот, рече Зоран Заев на Осмомартовскиот марш под мотото „Ти си ТАА промена – Заедно за Македонија!“.

Во продолжение целиот говор на Заев:

Велат дека Охрид е најубавиот град во Македонија и еден од најубавите на Балканот. Тоа навистина е така, но Охрид никогаш не бил поубав од денес. Тоа е поради Вас, драги мои социјалдемократки. Вие Охрид денес го направивте, најубав град на светот.

Пред две години го разубавивте Штип, минатата година го разубавивте Тетово, а годинава Охрид. Кај што ќе стапне женска нога социјалдемократска, таму се шири добрина, убавина и позитивна енергија. Таа енергија ќе ја преплави цела Македонија.

Имавте и имате верба и самодоверба целиот овој период позади нас. Внатрешната желба за слобода ја носи слободата на Македонија. Секој индивидуален порив за промени го јакне заедничкиот порив кој ќе ги донесе промените.

Zaev_Ohrid6

И еве…Промените ги почнавме!

Ти си ТАА промена!

И ти! И ти!

Вие сте таа промена, заедно за Македонија!

За меѓународниот ден на жената секоја жена заслужува барем по една црвена роза. Само Вие, драги мои сопартијќи цел живот во срцето ја носите и најубавата црвена роза – заштитниот знак на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

8-ми март може да го слават сите жени од светот, но тоа најмногу им прилега на жените – социјалдемократки, оти токму социјалдемократките Клара Цеткин и Роза Луксембург биле тие, кои пред помалку од еден век, го кренале својот глас за правата, слободата и рамноправноста на жените. Бидете среќни и горди што сте нивни следбенички.

Zaev_Ohrid4

Поранешната британска премиерка, „челичната лејди“ – Маргарет Тачер, еднаш има кажано:

„Во политиката, ако сакаш нешто да биде кажано како што треба, тогаш за таа работа побарај маж, а ако сакаш нешто да биде направено како што треба, тогаш побарај жена“

Zaev_Ohrid3

8-ми март, најчесто се сведува на поклонување цвет, на убав збор или гест, но некогаш овој ден имаше и многу поголемо значење. Овој ден преставуваше ден на вистинска борба за човекови права, достоинство, почит…

Со овој традиционален осмомартовски марш Вие уште еднаш ја покажавте нашата борба од која нема да одстапиме.
Борба за правда, борба за солидарност, за еднаквост.

Борба за враќање на човечките вредности коишто за жал, во Македонија се изгубија.

Вистинска борба за слободна и демократска Македонија.

Ајде од убавиот Охрид во чест на 8-ми март да испратиме порака до сите граѓани од цела Македонија…

Оваа година Македонијо… заедно сплотени како никогаш досега ќе воскреснеме 8 убави женски имиња. Тоа се: вера, љубов, надеж, вистина, правда, демократија, слобода… и најубавото име – Македонија!

И сега нека ме слушне текстилната работничка од Штип која ме прашуваше, како и сите кои работат, ден и ноќ, саботи и недели, делник и празник, за минимални примања.

Социјалдемоктарскиот сојуз ќе воведе Регистар за прекувремени работни часови, поврзан со Управата за јавни приходи. Работодавачите нема да можат повеќе да ги кријат вашите одработени часови. Ќе мора да ви ги платат.

Ќе поттикнеме секој правен субјект да мора да има синдикат што ќе ги штити правата на работниците.

Ќе ги обездедиме сите потребни заштитни механизми за да спречиме какво било насилство врз жените.

Ќе обезбедиме државна поддршка за зголемување на бројот на жени претприемачи. Со тоа ќе овозможиме жените да водат сопствени бизниси.

Ќе овозможиме вработувања на жените во руралните средини и поддршка за жени – фармерки.

Ќе изградиме поголем број детски градинки, каде што ќе бидат згрижени децата. Ќе има втора смена во детските градинки, за да им олесниме на мајките кои работат во две смени.

Ќе воведеме флексибилно работно време за мајките со мали дечиња.

Ќе го гарантираме враќањето на истото работно место по породилното отсуство.

Ќе го унапредиме работното законодавство со дополнителна заштита на бремените жени работнички.

За жените работнички со навршени 57 години старост ќе овозможиме да добијат неполно работно време од 6 часа, до навршување на 60 години старост, со задржување на целата плата.

Zaev_Ohrid2

За жените работнички со навршени 60 години старост ќе овозможиме да добијат неполно работно време од 4 часа, до исполнување на условот за пензија, односно 62 години старост, со задржување на целата плата.

Еве и неколку други мерки за сите граѓани кои индиректно ќе ви го олеснат и вам животот почитувани жени, мајки, сопруги…
Институциите ќе работат во две смени, до 20 часот, што ќе ви го олесни извршувањето на приватните и службените обврски.

Ќе има бесплатни сервиси за помош на еднородителските семејства и самохраните родители во нивното секојдневно функционирање.

Пак ќе се навратам на текстилната работничка од Штип. Ми рече, застанете зад нашите права и ќе ви ја дадеме довербата.

Ако на некого му доликува да застане на страната на работниците, да застане на патот на дискриминацијата, да обезбеди родова и секаква друга еднаквост, тоа е Социјалдемократскиот сојуз.

Да, од овој Марш ви порачувам: Социјалдемократскиот сојуз застанува зад вас жените, зад вас работничките и работниците, зад вас онеправдените, зад вас угнетените и понижените, зад вас храбрите и достоинствените.

Дами мои, бидете горди и самоуверени, вие ја заслужувате сета почит во ова наше општество.
Заедно испишуваме една убава историја за којашто ќе зборуваме и пред нашите деца и пред нашите внуци. Ова се историски моменти, пред коишто сите сме исправени.

Ве гледам овде денеска со слободна волја, сплотеност и високо кренати чела, без наредба и директиви. Ве гледам од овде и знам… Вие сте предвесникот на најубавата пролет во Македонија!

Ајде да ја исчистиме од злосторства и непријателства нашата заедничка куќа и да го проветриме домот.

Македонија да ја вратиме на вистинскиот, на европскиот пат.

Заедно да се избориме, да изградиме светла иднина за нашите деца, за сите нас.

Нашата Македонија да биде гордост за секој нејзин граѓанин.

Да сте ми живи и здрави!

Срекен Ви 8-ми март!

Да живее Македонија!