ВАНКОВСКА КОНТРА МУЦУНСКИ : УСТАВНОТО ПРАВО НЕ ПОЗНАВА „ОДЛОЖЕНА ПРИМЕНА НА УСТАВНИ ИЗМЕНИ“

0
190

Ванковска реагира на изјавата на Муцунски

Фото колаж: Слободен печат

Кандидатката за претседател на државата Билјана Ванковска од редовите на Левица реагираше на изјавата на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски за уставните измени во која нагласува дека неговата партија се залага за одложена примена на измените на Уставот.

-Нашиот став што го имаме до сега бил кристално јасен. Под вакви услови ние не прифаќаме уставни измени, рече тој и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ легитимна алтернатива е да се бара одложната примена на уставните измени, како и гаранција од ЕУ за македонскиот јазик и идентитет, но и гаранција дека нема да има повеќе билатерализација на европската интеграција на Македонија, повтори Муцунски во понеделникот на програмската дебата насловена Дипломатски хоризонти – Реформи во политичкиот систем, стратегии за надворешната политика и дипломатија посветена на ЕУ на која се презентира програмата на ВМРО-ДПМНЕ Платформа 1198.Ваквата изјава ја испровоцира професорката Ванковска која нагласува дека ова е уште една манипулација на опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако ќе ги прифати уставните измени и впишувањето на Бугарите во Уставот доколку ја освои власта и формира Влада.

-Можеби некој конституционалист/уставен правник ќе ни објасни што значи ова „одложена примена на уставните измени”… Јас за вакво нешто во компаративното уставно право не сум слушнала. Но, ова е Македонија – земјата на чудата. Моето “лаичко” толкување е: ние навистина ќе го смениме уставот и ќе ги вметнеме и Бугарите и сите други, но ќе се преправаме дека уставните амандмани не се во сила до крајот на преговорите. (Не заборавајте дека ветија и намалување на бројот на пратеници за што е потребно да се смени уставот). Впрочем, и Заев ве лажеше за имплементацијата на Преспанскиот договор дека ќе се случи „поглавје по поглавје“, реагира професорката Ванковска до помладиот колега од Правниот факултет кој е доцент по римско право.

Ванковска која е доктор по политички науки додава: „И ова го нарекуваат „непопустлива надворешна политика“. Немојте после не сте знаеле. Само треба да читате меѓу редови“.

Вчера и бугарски „Фактор“ реагираше на изјавата на Муцунски за „одложена примена на уставните измени“ и ги нарече лажни и антибугарски ваквите тврдења.

-Тврдењата на актуелната македонска опозиција од ВМРО-ДПМНЕ дека „со добра комуникација и дипломатска офанзива може да се постигне одложено спроведување на уставните измени“, се апсолутно лажни и антибугарски, но не наидуваат на отпор од бугарската страна на официјално ниво, пишува Фактор и додава дека односите меѓу Софија и Скопје целосно замреа во последните години, а вклучувањето на македонските Бугари во македонскиот устав е приоритетен услов за продолжување на преговорите со Брисел.

„Фактор“ нагласува дека не е можно да се смени преговарачката рамка меѓу Скопје и ЕУ за да се одложи вклучувањето на Бугарите во Уставот на земјата и ги критикуваше бугарските власти и МНР што не реагираат на ваквите манипулативни тврдења на македонската опозициска партија во рамки на предизборната кампања за парламентарните и претседателските избори.