БУГАРИЈА ЌЕ ИНСИСТИРА ЕВРОПСКИОТ СОВЕТ ДА ВКЛУЧИ ТЕКСТ ЗА МАКЕДОНИЈА : НЕМА ПРЕГОВОРИ БЕЗ БУГАРИ ВО УСТАВОТ

0
106

Премиерот на Бугарија, Димитар Главчев денеска и утре ќе престојува во Брисел, каде за време на дискусијата на темата ќе побара од Европскиот совет да ги потврди заклучоците од 14 декември 2023 година, како и заклучоците на Советот за Северна Македонија и Албанија од 18 јули 2022 година и да ја повикаат Северна Македонија да ги преземе чекорите наведени таму за да постигне напредок на нејзиниот евроинтегративен пат, соопшти владината прес-служба од Софија.

Според бугарскиот премиер, важно е да се истакне дека спроведувањето на сите обврски, како и напредокот на сите реформи поврзани со ЕУ, остануваат клучни на патот на Македонија кон членството во унијата.

Ова доаѓа по изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека очекува Бугарија да седне повторно на преговарачката маса и да се најде решение за одложено дејство на уставните измени што беше дел и од кампањата за парламентарните избори, но и по најавите на првиот вицепремиер Изет Меџити дека се разговара со меѓународниот фактор за гаранции за уставните измени.

-Тие начелно се за уставните измени, се за внесување на Бугарите во Уставот, но заедно со меѓународниот фактор разговараме за можностите да има гаранции дека нема да има нови барања додека трае процесот. Односно, дека ова ќе биде единственото барање од страна на бугарската држава, од Бугарите, изјавил Меџити за „Дејли клик“ на ТВ 21.

Од Европската Комисија информираа дека се јасни очекувањата од Македонија – исполнување на уставните амандмани за кои Скопје се обврзало да ги спроведе за да може да продолжи по својот ЕУ пат, додека пак министерството за надворешни работи на Бугарија и порачаа на новата македонска влада дека нови преговори за преговарачката рамка нема да има.

„Подигнувањето идеи за повторно преговарање за веќе преземените меѓународни обврски само ќе доведе до дополнително оддалечување од почетокот на преговорите за членство во ЕУ. Потсетуваме дека како резултат на непотребните провокации и конфронтации со соседните земји, Северна Македонија веќе изгуби премногу време во процесот на отворање на пристапните преговори.

Неприфатлива е наведената намера на новата влада на Северна Македонија да го отфрли легитимното барање на дел од сопствените граѓани да ги гарантира правата и слободите на еднаква основа со сите други заедници во Северна Македонија, вкл. преку нивно вклучување во уставот на соседната земја.

Подеднакво неприфатлива е и наведената намера на Северна Македонија да не се придржува до меѓународните обврски и потпишаните договори“, соопштија од МНР на Бугарија.