БОЈМАЦАЛИЕВ : ВНАТРЕШНАТА КОНТРОЛА УТВРДИ ДЕКА ИСТРАГАТА ЗА В.Ѓ И П.Ж. Е НАВРЕМЕНА И БЕЗ ПРОПУСТ

0
145

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев во изјава за МТВ, одговарајќи на прашање во врска со извештајот на внатрешна контрола при МВР за истрагата за убиството на В.Ѓ. и П. Ж., рече дека избештајот утврди дека македонската полиција постапила навремено и согласно процедурите.

„Тоа беше актуелна тема изминатиот период, на самото случување на настанот одредени политички партии пробуваа да ја префрлат вината дека МВР не постапила навремено и не ги направила сите можни работи да го спречи тоа што се случило. Со вчерашното соопштение кое излезе од МВР официјално, уште еднаш се потврди тезата дека МВР и нејзините припадници кога се случил настанот и до завршување на настанот работеле максимално професионално и навремено. Повторувам, МВР ги презело сите чекори кои биле пропишани според правила и прописи за постапување во таков случаи и затоа ниту за еден од колегите нема да биде поведена дисциплинска постпака. Се’ она што се зборуваше во минатото дека МВР не постапило, денеска паѓа во вода. Македонската полиција и нејзините припадници постапиле максимално професионално и посветено на случајот и го разрешија максимално брзо во неколку дена, лицата беа приведени и изнесени пред лицето на правдата”, истакна Бојмацалиев.Во однос на нови упатства за постапување, Бојмацалиев беше дециден:

„Знаете дека светот се соочува со промени, ние имавме промена на упатствата за борба против тероризмот пред некоја година, во борбата против лажните дојави за бомби. Секое време си бара нови упатства, правила и прописи кои МВР треба да ги примени. Тоа не е ништо ново, тоа не е нешто што не сме го правеле, тоа се правело и се прави во секоја една нормална држава и институција”, рече Бојмацалиев, додавајќи дека во Велес нема систем Safe City, туку во Скопје.

„Доколку тоа што го зборувале во минатото, се надевам ќе имаат доблест после извештајот на МВР да се извинат на македонската полиција, денеска ќе имавме дисциплински постапки за колеги, но денеска немаме дисциплински постапки за колегите кои работеле на случајот. Тоа е заклучокот, дека македонската полиција работела професионално, точно, навремено и прецизно”, рече Бојмацалиев.Запрашан за екстрадицијата на првоосомничениот, Бојмацалиев беше категоричен:
„Првоосомничениот мора и ќе биде екстрадиран, бидејќи доказите се силни против него”, рече Бојмацалиев.