БОЧВАРСКИ : ИЗГРАДИВМЕ МОДЕРЕН ЕКСПРЕСЕН ПАТ ДО КОЧАНИ ЗА ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ И ПОДОБРА КОМУНИКАЦИЈА НА ИСТОКОТ

0
404

Нема поубав момент од овој кога годината ја завршувате со реализација на крупен капитален проект, проект од исклучително значење за преку 190 илјади жители на Истокот. Посебно ми е драго, бидејќи знам колку овој експресен пат им беше потребен на жителите од Штип, на Пробиштип, на Крупиште, жителите од Чешиново-Облешево, на Кочани, Виница, на Беровчани, на жителите на Делчево и сите други граѓани кои секојдневно поминуваат низ оваа источна траса, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при пуштање во употреба на втората фаза од експресниот пат Крупиште – Кочани.

На настанот присуствуваше претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, заменик министерот за транспорт и врски, директорот на ЈП за државни патишта, претставници од амбасадата на Народна Република Кина, како и од изведувачот и надзорот.

Инвестицијата е во вредност од 18, 2 милиони евра, патот е со ширина од 11,4 метри, со две коловозни ленти и две ленти за застанување, две клучки и неколку мостови. Со изградбата на оваа делница се заокружи изградбата на целиот експресен пат од Штип до Кочани со вкупна должина од 28 километри и вредност од 47 милиони евра.

“Ако пред 5 години од Кочани до Скопје се патуваше за час и четириесетина минути, денeска патувањето е намалено на помалку од еден час а со поголема безбедност. Денеска и официјално ја пуштаме во употреба втората фаза од овој експресен пат  од Крупиште до Кочани во должина од 13,5 километри.  Од регион кој претходно беше заборавен, денеска од Истокот создадовме регион на просперитет, регион на нови инвестиции, на нови работни места, подобро, модерно и безбедно место за живеење за граѓаните.  И овој експресен пат е само еден доказ за тоа, изградивме модерно патно решение од Штип до Кочани со кое го подигнавме нивото на безбедност во сообраќајот на максимум”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

“ Експресниот пат е со висок квалитет на градба. Ширина на патот е 11,4 метри и има четири ленти, и тоа по две коловозни од по 3,5 метри и две ленти за застанување од по два метри, како и две рабни ленти од по 0,20 метри. Максималната брзина на движење на експресниот пат е 110 километри на час, изјави Ејуп Рустеми директор на ЈП за државни патишта.

Министерот Бочварски потенцираше дека преку 1 милијарда евра се инвестираше за модерни патишта, во нови и побезбедни 1300 километри патна мрежа. Само во Источниот регион вложени се преку 300 милиони евра меѓу кои и за изградените два експресни патишта од Штип до Радовиш и од Штип до Кочани и тоа само во една година, рече министерот Бочварски.