БОМБА НА СДК: ЗА ЧЛЕНОВИ НА СУДСКИОТ СОВЕТ СЕ ПРИЈАВИЛЕ И ДВАЈЦАТА СУДИИ ЗА КОИ ТАМУ СО МЕСЕЦИ СТОЈАТ ИНИЦИЈАТИВИ ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ И ИСПИТУВАЊЕ НЕПРАВИЛНО РАБОТЕЊЕ

0
543

Судиите се пријавиле на огласот за двете упразнети места во Судскиот совет. (Фото: СДК.МК)

Силно лобирање меѓу судиите на терен има за врховниот судија Наќе Георгиев од Струмица и претседателот на Основниот суд во Кавадарци Лазар Нанев, кои се пријавиле на огласот за двете упразнети места во Судскиот совет, кој нема намера да се самораспушти.

Лани во декември, на Наќе Георгиев иницијатива за разрешување му поднесе член на Судскиот совет, а предметот го водел и го завршил членот Селим Адеми. На прашање зошто со месеци таа иницијатива не се става на дневен ред за одлучување, претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев одговори дека точка на дневен ред за одговорност на судија тој ќе стави на наредната седница на Советот, следната недела.

Бидејќи овие постапки се тајни, во име на повисокиот јавен интерес се информиравме и неофицијално дознавме дека иницијативата против Наќе Георгиев е за периодот додека ја извршувал функцијата претседател на Апелациониот суд Штип и за истите престапи за кои Судскиот совет лани разреши тројца судии од тој суд. Тие работеле по негово решение, практично по негова наредба за изземање во судски постапки, што овозможило незаконитост и престрасност на судењата и затоа беа разрешени. Но оној што го донел коруптивното решение, не само што Судскиот совет го спасува, туку и му овозможи да се кандидира за член на Советот.

За Нанев, пак, има допис до Судскиот совет од Вишиот јавен обвинител на Скопје Мустафа Хајрулахи и од обвинителка од Кавадарци, со кој тие бараат Советот да испита тешки обвинувања против него од оштетена странка во предмет каде тој бил судија.Од извори од Обвинителството дознаваме дека Хајрулахи и колешката од Кавадарци во прилог на Судскиот совет му доставиле докази – листинг од телефонски сообраќај, дека само во еден ден Нанев се слушнал 40 пати по телефон со странка во судска постапка што ја водел.

Кога стигнале овие дописи од Вишото обвинителство на Скопје и од обвинителството од Кавадарци, целиот материјал ѝ бил даден на членката на Судскиот совет Павлина Црвенковска, да го испита случајот и да поднесе информација до членовите на Советот.Од март, кога ѝ бил даден материјалот, Црвенковска до ден денешен, како што ни одговори вчера и претседателот на Судскиот совет Сашко Георгиев, не доставила информација за случајот „Нанев“.

На огласот за двете упразнети места во Судскиот совет, по оставките на врховната судијка Мирјана Радевска-Стефкова и на апелациониот судија Зоран Герасимовски, покрај Нанев и Георгиев, се пријавила и судијката Антоанета Димовска од Граѓанскиот суд Скопје. Поради ова, Герасимовски и Радевска-Стефкова, избрани од судиите, а не од Собранието, веднаш се тргнаа од таквиот Судски совет, но останатите продолжија.

Како што пишуваше САКАМДАКАЖАМ.МК, Наќе Георгиев чија сопруга е обвинителка во Струмица, толку е моќен и политички поддржан, што лани, кога се отвори постапката против него, му влегол на членот на Советот, судијата Ивица Николовски, во канцеларија со зборовите: „Кој си ти за мене да отвораш постапка и да зборуваш на седница за нестручно и несовесно работење!“

Судијата Николовски потоа пред новинарите јавно кажа за овие закани, без да спомне имиња зашто постапките за разрешување судии биле тајна, револтиран што некој го пуштил насилникот да влезе низ доброобезбедената врата на Судскиот совет, но и од тоа дека некој од членовите, со полна сервилност му изрецитирал сè што се зборува внатре на тие седници затворени за јавност.Тројцата кандидати треба да излезат на непосредни избори и за нив да гласаат судиите.
Во анкетата на ОБСЕ, судиите искажале големо сомневање во објективноста на резултатите од нивното тајно гласање за членови во Судскиот совет.