БОГОЕВ : ВМРО-ДПМНЕ НЕРАЗУМНО ГО БЛОКИРА ЗАКОНОТ ЗА ПОГОЛЕМА ПЛАТА НА НАСТАВНИЦИТЕ

0
788

Впечатокот е дека ВМРО-ДПМНЕ прави вештачка криза во Собранието дури и со блокирање на позитивни работи, како што е примерот со законот кој овозможува поголеми плати на наставниците и трансформација на работниот однос, рече потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, во денешната Анализа 24 на Телевизија 24.

„Еве ќе посочам еден пример, повеќе од 1 година се блокирани законски измени со кои овозможуваме платите на наставниците да растат согласно порастот на минималната плата која ја покачивме пред некој ден. Доколку овој закон беше усвоен немаше да се радуваат само оние кои земаат минимална плата туку и наставниците и вработените во образование, бидејќи со тој закон се предвидува да растат и нивните плати согласно растот на минималната плата. Тој закон неразумно е блокиран од ВРМО-ДПМНЕ. Во истите законски измени се планира и трансформација на работниот однос на 4.700 наставници и наставнички во средните и основните училишта од определено на неопределено време. А сите се согласуваме дека треба да се професионализира образованието и кадрите, затоа што тие образуваат нови генерации.“ рече Богоев.

Потпретседателот на СДСМ додаде дека блокирањето и амандманските расправи може да се користат како демократски инструмент но не на штета на граѓаните, како што со овој закон прави ВМРО-ДПМНЕ на штета на наставниците.

„Тоа не е демократско право веќе туку на штета на граѓаните и претставува опструкција и мислам дека е некоректно“ додаде Богоев.

Се надевам дека со учество на господинот Клековски во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ќе придонесе и ќе влијае врз сегашниот претседател и некогашен секретар на Никола Груевски, Христијан Мицкоски да ги сфати овие работи и да научи од грешките во минатото.