Битолските Роми го блокираа патот Битола-Ресен

0
1095

Жителите на битолската ромска населба Баир во два наврата го блокираа регионалниот пат Битола-Ресен. Незадоволни од тоа што во овие студени зимски денови останале без струја, тие го блокираа патот поставувајќи камења и автомобилски гуми, а на патот запалија и оган.

„Нема друг начин, мора вака да и кажеме на власта оти живееме во нечовечки услови. Во лето немаме вода, во зима немаме струја, децата ни се разболуваат. Ако сме Роми и ако сме сиромашни, немаме право на живот? Дури не помина гласањето сѐ ни ветуваа, после пак по старо. Секоја година се повторува истото: секој втор ден сме без струја, а зимата само што почна. И затоа ќе го блокираме патот додека не се најде решение за нашиот проблем“, вели Аким Асаноски жител од населбата Баир.

Од ЕВН велат дека проблемите со струјата во овој дел од населбата Баир настануваат заради преоптоварување на мрежата, што доведува до пад на системот. Од фирмата потврдуваат оти голем дел од ромското население се грее на струја, но дека речиси никој од нив не плаќа за потрошената електрична енергија. Ваквата информација ја потврди и Асаноски, но вели дека причина за неплаќањето било тоа што Ромите живееле само со социјална помош од 2.000 денари која не им стигнувала ниту за леб.
Овој дел од битолскиот Баир, кој се наоѓа од двете страни на патниот правец Прилеп-Ресен непосредно пред тунелот над Битола, се нарекува „Петочна вода“. Во населбата живеат околу 2.000 луѓе од ромската етничка заедница, а само во оние 80 куќарки од десната страна на патот, околу 400.

Извор: Слободна.мк