„БИТОЛА ОТВОРЕН ГРАД“ ГИ ПРЕКРИ ПОРАКИТЕ СО ГОВОР НА ОМРАЗА НА ЅИДОВИ СО ПОЗИТИВНИ ЦРТЕЖИ И ГРАФИТИ

0
645
Со уметничка интервенција против испишаните пароли со говор на омраза кои се покрија со графити и цртежи со позитивни пораки денеска почна 22. издание на Меѓународниот арт фестивал „Битола отворен град“, кој ги слави музиката, уметноста и волонтерството. Оваа уметничка интервенција е наречена „Битолските ѕидови – уметнички крик против говорот на омраза преку графити и цртежи“, а се исцртуваат ѕидови на училиштата „Таки Даскало“ и „Стив Наумов“ и градинката „Пролет“.

Увидовме дека на ѕидовите, посебено на образованите институции, има многу говор на омраза. Решивме да направиме уметнички интервенции врз тие простори, а потоа продолжуваме со интервенција и врз други јавни простори каде што има говор на омраза“, рече Маја Ангеловска, програмска менаџерка во МКЦ Битола.

Овој младински фестивал кој ја промовира урбаната култура трае од 21 до 24 јуни во организација на МКЦ Битола, а годинава ќе придонесе за оживување на простори каде што претходно немало културни настапи. Утре на пешачката зона во Старата чаршија ќе има журка на зајдисонце, а потоа ќе се одржи забава со диџеи пред поранешната Соколана. На 23 јуни во дворот на МКЦ ќе се претстават млади уметници, фотографи и графичари со цртање графити. В сабота е големиот музички настан во градскиот парк, на кој ќе настапат „Лусент“ од Битола, „Арумбо“ од Шпанија со членови од Белгија и Италија и Репетитор од Белград.