АРСОВСКА ПУШТИ ЗА СООБРАЌАЈ ДВЕ ЛЕНТИ ОД ОПОЖАРЕНИОТ МОСТ „БЕЛАСИЦА“, ВЕЛИ ЕСМ ЌЕ ГО САНИРА КОГА ЌЕ СТАВА НОВИ ЦЕВКИ

0
450

Од денеска, по двете надворешни ленти на мостот „Беласица“ може да возат лесни возила, соопштија од Град Скопје. Во соопштението испратено до медиумите, кажуваат дека мостот нема посериозни оштетувања и дека ЕСМ ќе го санира кога ќе ги поставува новите топловодни цевки. Додаваат дека целосно ќе биде пуштен во сообраќај кога ЕСМ ќе заврши со поставувањето на цевките.

Од државната компанија ЕСМ, пред три дена за САКАМДАКАЖАМ.МК изјавија дека тие ги извадиле оштетените цевки, но сега чекаат Градот да направи санација, по што тие ќе стават нови цевки. Рекоа дека не знаат кога ќе почне санацијата бидејќи никој не ги информирал.

„Согласно експертскиот извештај за состојбата на мостот на булевар Беласица, утврдено е дека истиот нема структурни оштетувања кои ја нарушуваат безбедноста на мостот. Од извештајот констатирано е дека има површинско напукнување на надворешниот бетонски слој во средишниот дел на едната страна на мостот, предизвикано од горењето на изолацијата на топловодните цевки на ЕСМ, кое ЕСМ ќе го санира со цел поставување нови топловодни цевки како нивна обврска за овозможување непрекинато снабдување на граѓаните на градот со топлинска енергија“, велат од Град Скопје.

Мостот „Беласица“ беше опожарен на 12 мај.

Експертизата за мостот, која ја правеше професорот Михаил Гаревски од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени, е завршена и предадена на Град Скопје пред два месеца. Таа покажува дека мостот нема сериозни оштетувања, не се оштетени каблите за преднапрегање и потребна е лесна санација, која би траела околу еден месец.

Но, на ваквите резултати на Гаревски реагираа домашни и странски експерти за градежништво и мостоградба, кои сметаат дека не се соодветно направени испитувањата.