АРСОВСКА ЗА ГЛАСИНИТЕ ОКОЛУ ТОА ДЕКА ГЕН СЕКРЕТАРОТ НА СДСМ, МИЛЕ ЗЕЧЕВИЌ И ЈА КУПИЛ ПАРТИЈАТА ,,НОВА АЛТЕРНАТИВА” : ЌЕ СЕ ВИДИМЕ НА СУД!

0
361

Партијата Нова алтернатива (НА), чија лидерка од неодамна е градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, ќе настапи самостојно на парламентарните избори. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 , таа вели дека верува во сопствениот и капацитетот на партијата, со која ќе имаат кандидатски листи во сите шест изборни единици.

-Доколку се сеќааваат сите што се случуваше на минатите избори во 2021 г. на локалните избори на коишто победив, јас имав голема бројка од околу 50 илјади гласови повеќе од сите 45 советници кои беа на листата од оние што ме поддржаа. А од мојот противник имав 30 илјади гласа повеќе. Така што, јас верувам во сопствениот капацитет, во ставовите кои ги застапувам и верувам дека граѓаните знаат да препознаат кога нешто е вистинито и чесно и искрено, рече Арсовска.

Прашана зошто се одлучи да преземе постоечка политичка партија, наместо да фомира нова за што се зборуваше во медиумите, Арсовска одговори дека станувало збор за шпекулација произлезена од „политичките кујни“.

-Раководството на партијата ме покани, разговаравме, затоа што знаеја дека имам аспирации да почнам нешто во политиката. Дискутиравме на сите теми, најдовме заеднички постулати за кои се обединуваме и одлучив да ја прифатам нивната покана и да продолжиме со Нова алтернатива на следните избори, рече Арсовска.

На прашањето пак, немаше ли да биде подобро да покаже дека има капацитет и да собере илјада потписи, илјада пристапници за да фомира нова партија наместо сега да ги слуша муабетите дека Миле Зечевиќ и ја купил партија, Арсовска се закани со тужба.

-Не знам, доколку стоите позади ова, ќе треба да се видиме на суд. Не знам од кои извори ги наоѓате овие информации, меѓутоа би требало добро да проверувате што е она што се говори, кои се овие лаги и манипулации и кои се оние кои ги презентираат во јавноста. За да кажете нешто треба да стоите позади тоа за да го докажете, рече Арсовска.